Од денеска почнува нова ера на соработка во регионот. Се поврзуваме за развој на нашите економии, со јасна и отворена намера секој граѓанин час поскоро да почувствува  директни придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Самостојно покажуваме политичко лидерство и грижа за унапредување на соработката, за која овој пат имаме и конкретна акциска програма. Убеден сум дека тоа ќе биде препознаено од Брисел и Вашингтон, рече премиерот Зоран Заев во воведното обраќање на Регионалниот економски форум „Поврзан Балкан“ што се одржува во Скопје.

Пред претставници од стопанските комори во регионот, деловните заедници и преку 300 компании, пред претставници од меѓународни институции, како и пред претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама, Заев потенцира дека овој масовен одѕив на поканата на македонската Влада е силна порака дека Балканот почнува да создава највисоко ниво на разбирање дека економското поврзување и создавањето динамичен и витален регионален економски простор е заедничка желба и амбиција.

Ова, подвлече македонскиот премиер, е автентичен, заеднички процес на Северна Македонија, Албанија и Србија, но иницијативата е отворена за сите земји од Западен Балкан.

Политилките лидери, напомена Заев, ги слушнаа барањата на стопанството – да има помалку историја и повеќе бизнис.

-Сакам да ве уверам, а се надевам дека тоа е и очигледно, дека нашата политичка волја, на претседателот Вучиќ, на премиерот Рама и мојата, е израз на нашата максимална посветеност да ги обезбедиме сите услови што зависат од Владите на нашите три земји за ефикасна регионална соработка. Силната политичка волја и поддршката што ја добивме од деловните заедници на сите земји во регионот за нов импулс и за ребрендирање на регионалната соработка со многу повеќе динамика и за многу повеќе ефекти е наша, автентична и не-посредувана иницијатива. Дополнително, сметам дека една таква регионална соработка може да направи сериозен придонес во релаксирањето на политичките односи во регионот. Ние сме отворени за сите иницијативи кои одат во насока да ja зајакнат регионалната соработка и што го забрзуваат процесот на интеграција во ЕУ на сите земји од Западен Балкан. Да ја направиме визијата за заеднички политички и економски простор на Западен Балкан реалност со конкретни придобивки за сите наши граѓани. Да направиме да стане важен дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар, рече Заев.

Тој се осврна и на ЕУ, нагласувајќи дека нејзиниот неуспех да ги исполни ветувања за отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, е против европската идеја, против интересите на самата ЕУ и спротивна на определбата за членство во Европската Унија на овие две земји кои ги исполнија сите критериуми за тоа.

-Но, ние не можеме да чекаме сите внатрешни проблеми на Европската Унија да се решат за да одиме напред. Ние сме тука и тогаш кога Европската Унија ќе биде подготвена, ние сме тука – веќе подготвени, со веќе обезбедени олеснувања за нашите граѓани и со веќе развиени економски иницијативи. За нив ќе зборуваме и денес, па се надевам дека ЕУ ќе најде начин да обезбеди и финансирање за истите, особено што голем дел од нив се дел од зелената агенда, рече Заев.

Премиерот сепак истакна дека денеска не е тука за да зборува за ЕУ.

-Тука сум за да говорам за нашите граѓани, за нашите земји, за нашите идеи, за нашиот европски Балкан. За Западен Балкан, за овој отворен регион. За регион и за иницијатива коja денеска ќе се претстави со ново име, име кое ја одразува суштината на новата реалност што денеска ја промовираме сите ние заедно – лидерите, стопанствениците, граѓаните на Албанија, Србија, Северна Македонија и сите други земји од регионот. Сите заедно му даваме нов импулс на заедничкиот економски простор, на поврзаниот регионален пазар. Заедничкиот регионален пазар е мотивација за да се поттикнат нови регионални иницијативи насочени кон приближување и за интегрирање со пазарот на ЕУ. За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Бидејќи ние не можеме да бидеме ништо друго освен земји од европскиот Балкан, рече Заев.

Премиерот ги повтори веќе искажаните заложби за т.н. четити слободи – слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги.

-Го слушаме и го прифаќаме и повикот на деловните луѓе од регионот – „помалку историја – повеќе економија“, за доброто и за иднината на граѓаните. Нашата цел за интегриран регионален пазар носи дополнителен раст на БДП во регионот, бидејќи поврзани сме посилни. Тоа го го прави Западен Балкан попривлечен, поконкурентен и поблиску до пазарите на ЕУ, истакна Заев.

По него воведни обраќања имаа и Вучиќ и Рама кој исто така ја испратија пораката за обединување на економиите во регионот, олеснување на протокот, елиминирање на бариерите и создавање заеднички пазар.

По воведните обраќања на Заев, Вучиќ и Рама, ќе се одржи економскиот панел на кој ќе говорат и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, Марко Чадеж, претседател на Стопанската комора на Србија и Инес Мукостепа, претседател на Унијата на трговско-индустриски комори на Албанија.

На форумот се очекува да биде објавено новото име на регионалната иницијатива што досега беше неформално нарекувана како „Мал шенген“ и да бидат потпишани трилатерални договори кои, според најавите, ќе го подобрат животот на граѓаните и на бизнис заедницата од Западен Балкан.

По економската дебата следи церемонија на потпишување два меморандума за разбирање и еден меѓудржавен договор. Предвидено е да бидат потпишани Договор за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан и Меморандум за разбирање за олеснување на увоз, извоз и движење на стоки во Западен Балкан, кои произлегуваат од иницијативата за напредна регионална економска соработка меѓу Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија. Тие претставуваат операционализирање на иницијативата за подобрување на условите во однос на размената на стоки и услуги, како и на иницијативата за соработка меѓу државите во однос на зашита и спасување од катастрофи.