Во изјавата што ја даде непосредно пред средбата со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за безбедносна и надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, соопшти вечерва владиниот Сектор за односи со јавноста, премиерот Заев истакнал дека доаѓа со пораките што лидерите на институциите на Европската Унија добро ги знаат, ги разбираат и одобруваат.
– Република Северна Македонија ги заврши сите свои обврски што произлегуваат од листата со критериуми за почеток на завршниот преговарачки процес за пристапување во членство во Европската Унија. Тоа Европската комисија го препозна и во нејзините извештаи за напредокот на земјата до Европскиот совет и до лидерите на земјите членки на ЕУ многу јасно стави до знаење дека земјата има безусловна препорака за почеток на преговорите, нагласил претседателот на Владата Заев, се наведува во соопштението.
Тој додал дека Северна Македонија многу сработи, дека испорача и дека сега е време и ЕУ да го испорача ветеното кон нас и тоа без одлагање.
Заев истакнал дека очекува одлука за прифаќање на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ и со тоа да го официјализираме почетокот на преговорите уште во мандатот на португалското претседателство со Унијата.
– Претставници на ЕУ знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет и македонскиот јазик не се и никогаш нема да бидат за преговори. Знаат и разбираат дека тоа ниту било, ниту треба да биде на европската маса за преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, потенцирал премиерот Заев во изјавата од Брисел.
Заев дополнил дека Северна Македонија во секој момент е подготвена и има апсолутно добра волја за прашања од билатерален карактер, како што стои во соопштението, да разговараме со Бугарија во секое време без тоа да влијае на нашето пристапување во Европската Унија.
– Со лидерите на земјите од Западен Балкан имаме неподелен став, истакнал премиерот Заев, а тоа е дека ЕУ не може да смета дека е целосна без регионот и оти секое одлагање на процесот на вклучување на земјите од Западен Балкан ја доведува во прашање неколку пати повторуваната определба на ЕУ за проширување и кредибилитетот на Брисел меѓу нашите граѓани.