Сепак, додека Заев во програмата ветува неселективна антикорупциска борба, во фокусот на јавноста е постапката на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кој купил софтвер за сообраќајни прекршоци што не го користи ниту една институција.

Кога ќе се одржуваат внатрепартиските избори во СДСМ, Рашковски ќе ја троши втората половина од двонеделениот одмор во Мексико.

Прашан дали ќе побара оставка од Рашковски, кој сега е секретар задолжен за мониторинг на реализацијата на владината програма и стратегиските проекти, премиерот Заев вчера изјави дека не треба да биде обвинуван секој што патентирал систем и го отстапил бесплатно на користење на својата земја.

Одговорот е зачудувачки, ако се има предвид дека Рашковски тврдеше дека нема никаква поврзаност или корелација меѓу неговите патентирани идеи и набавениот софтвер.

Затоа, пак, Премиерот, изјави дека очекува надлежните да го проверат случајот, но нагласи дека лично ја проверил постапката.

– Очекувам било која од надлежните институции да направи проверка, како ДКСК, соодветното обвинителство, прочитав дека едно од јавните обвинителства упатува до МВР да направи истрага, слободно нека направат истрага, затоа што лично јас проверив, постапката е целосно законито направена и набавен е софтвер по пат на конкуренција, каде од 8 милиони предвидени во буџетот се потрошени 5 милиони денари за набавка на таков софтвер кој има мултифункицонална примена и стои на располагање. Апелирам секоја надлежна институција, којашто постои во државата за проверка на законитоста на постапката да направи конкретно проверка и да достави извештај. Јас, како претседател на Владата којшто го има именувано за еден од секретарите во мојот кабинет, ќе постапам директно доколку има какво било прекршување на законот, изјави Заев.

Во моментов, во Државната комисија за спречување на корупцијата. (ДКСК) во почетна фаза е постапката за проверка нa наводите за набавката на софтверот од страна на Рашковски. Од Комисијата велат дека се доставени барања за добивање информации и документи до МВР, Централен регистер, Генералниот секретаријат на Владата, Државниот завод за индустриска сопственост, а доколку се јави потреба ќе се побараат и од други институции.