Со десетици фирми е разговарано. Плаќани се авансни гаранции. Авансот со кој во обезбедување на вакцината на „Синофарм“ прво се обидовме, секако дека е вратен, а деталите за тоа може да ги даде министерот за здравство, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговорајќи на новинатско прашање за обвинувањата од опозцијата околу набавката на кинеските вакцини и враќањето на авансот што бил уплатен.
Верувам, посочи премиерот, дека постои постапка за декласификација на сите документи, и тоа треба да го знаат граѓаните.
-Цените се познати за сите во светот кои ги набавуваат вакцините, сите останати држави на европскиот континент и во соседството и во светот. Тие се истите цени и кај нас. Ако постои механизам за декласификација ние ќе го направиме тоа како Влада односно соодветните институции за да може министерот за здравство да ги објави сите детали. Имавме напори одредени аванси да се платат да се изгарантираат комплетно, но во меѓународното плаќање сето тоа се знае како се регулира. Ако се испорачаат нарачките, тогаш и плаќањето се спроведува. Тоа е само по себе доказ дека сме правеле се за час поскоро да ги набавиме вакцините, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања откако се вакцинираше на вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје.
Потенцира дека може апсолутно да потврди дека одлуките не ги носи ниту правниот сектор на министерот Филипче, ниту министерот Филипче, ниту Заев, ги носи Владата согласно сите информации кои стојат на располагање, согласно соодветните моменти на набавки на вакцините.