Во интервју за белградски „Курир“ премиерот Зоран Заев, запрашан околу проблемот со Бугарија и блокадата на почетокот на преговорите со ЕУ, рече дека постои решение за сѐ, но треба да се избере вистинскиот момент.
– Кога на Балканот има избори, тоа се тешки моменти, тешко се решаваат проблемите, а избори сега имаше во Бугарија. Се разбираме исто како и со Србија, зборуваме слични јазици и верувам дека ќе најдеме разумно решение, додава Заев.
За состојбите во регионот и блокадата на Бугарија за почетокот на преговорите на Македонија во интервју за МИА говори и Јоргос Катругалос поранешен шеф на грчката дипломатија. За односите Скопје – Софија и бугарското вето очекува дека лидерите во Бугарија ќе ја покажат храброста за справување со проблемите.
– Обврските за добрососедските односи ги сносат секако земјите кандидати, но ги сносат и самите земји членки на Европската унија. Сакам да се надевам дека лидерите во Бугарија ќе ја покажат истата смелост и храброст што ја покажаа лидерите на Грција и Македонија, порача Јоргос Катругалос.
Катругалос во врска со нон-пејперот вели дека тоа е многу опасно, дека Балканот и натаму останува буре барут со жаришта кои се познати.