По завршувањето на мандатот на Кацарска, Уставен суд останува без претседател. Пропаднаа дури осум обиди и гласања да се избере претседател, а за денеска нема најавено седница за избор на евентуално нов кандидат од редовите на судиите.
Спогласно правилата, секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд. Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите. Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува.
Со оглед дека се уште не е избран нов претседател на Судот, а со цел Уставниот суд да функционира непречено, судиите едногласно зазедоа став дека за прашањата кои се однесуваат на управувањето, да се одлучува колективно. Во делот на работата со предмети, Судот непречено работи, прима предмети и постојните предмети тековно се работат , предметите се поделени на судии и советници, велат од Уставен.
Постапката за избор на претседател на Уставниот суд продолжува согласно членот 7 став 4 од Деловникот на Судот, според кој доколку кандидатот не го добие потребното мнозинство, постапката за избор на претседател се повторува. Сепак изборот се стеснува откако тројца од судиите не го добија потребното мнозинство за да бидат избрани.
Во четвртокот и петокот, пропаднаа шестте обиди да изберат нов претседател на Судот. Вчера судијката Ана Павловска Данева ја повлече својата кандидатура, но нејзината противкандидатка Татјана Васиќ Бозаџиева повторно не го доби потребното мнозинство од шест гласа.
Судиите потоа гласаа и за трет кандидат Осман Кадриу, кој исто така не ги доби потребните гласови. Ова беше осмиот неуспешен обид на членовите на Уставниот суд да изберат претседател.
Сега се очекува кандидатура на некој од следните актуелни судии во Уставен суд кој ќе треба да ја преземе претседателската функција – Насер Ајдари, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Елизабета Дуковска и Јадранка Дабовиќ Анастасовска.
На досегашната претседателка Добрила Кацарска и официјално и истече мандатот. Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.
Судиите ќе ја продолжат постапката за избор, но за денеска нема најавено седница, што укажува на тоа дека изборот засега е во ќор сокак и ниту еден од можните кандидати го нема потребното мнозинство засега.
Извор: А1он