Германскиот канцелар Фридрих Мерц идната недела ќе престојува во официјална посета на Јапонија, Јужна Кореја и Сингапур. Дипломатската турнеја ќе трае од понеделник до петок, соопшти портпаролот на германската Влада.
Главниот фокус на разговорите со азиските партнери ќе биде ставен врз слободната економска соработка и сигурноста на меѓународните трговски патишта.
„Со сите три земји, споделуваме посветеност кон отворена трговија базирана на правила и желба за зајакнување на економската отпорност и безбедност, особено во контекст на глобалните синџири на снабдување“, истакна портпаролот.
Јапонската влада објави дека Мерц ќе биде во дводневна посета на Токио почнувајќи од среда. За време на престојот, тој ќе одржи билатерални разговори со јапонската премиерка Санае Такаичи.
Во официјалното соопштение од Токио се наведува дека претстојната средба на високо ниво се очекува дополнително да ги продлабочи и зацврсти политичките и економските врски меѓу Јапонија и Германија.
