Премиерот Христијан Мицкоски денеска се сретна со генералниот секретар на Интерпол, Валдеси Уркиза. На средбата разговарале за унапредување на соработката и за зајакнување на заедничките активности во борбата против организираниот криминал.

Како што објави Мицкоски на социјалните мрежи, фокусот бил ставен на поинтензивна соработка во справувањето со организираниот криминал, сајбер-криминалот, трговијата со луѓе и другите облици на прекуграничен криминал.

На средбата било разговарано и за понатамошно јакнење на капацитетите на македонските институции.

„Македонија останува посветен и доверлив партнер во меѓународните безбедносни напори. Само преку силна координација, размена на информации и заедничко дејствување можеме поефикасно да ги заштитиме граѓаните, да го зачуваме владеењето на правото и да придонесеме кон поголема регионална и глобална безбедност“, напиша Мицкоски.

Средбата со Уркиза, според објавата, е дел од напорите за продлабочување на меѓународната полициска соработка и за поефикасен одговор на безбедносните предизвици што ги надминуваат националните граници.