Претседателот на Собранието, Африм Гаши, побара целосно и транспарентно разјаснување на случајот со македонските пратеници кои биле задржани на граничниот премин Ќафасан. Тој оцени дека станува збор за прашање што го засега достоинството на избраните претставници на граѓаните.

Гаши реагираше по информациите дека тројца македонски пратеници и функционери биле задржани на граничниот премин кон Албанија. Во соопштението наведува дека е загрижен за постапувањето на албанските власти со лица кои се носители на уставен мандат.

„Поради тоа, секое постапување што го засега нивниот авторитет и нивната функција треба да биде во согласност со највисоките стандарди на почит и достоинство што им припаѓаат на избраните претставници на народот“, наведува Гаши.

Тој вели дека, имајќи ги предвид добрососедските и, како што нагласува, братските односи меѓу Македонија и Албанија, очекува случајот да биде расчистен целосно и транспарентно.

„Имајќи ги предвид традиционално добрососедските, а пред сѐ братските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, верувам и очекувам целосно и транспарентно разјаснување, кое ќе придонесе не само за целосно утврдување на околностите на овој случај, туку и за зачувување на меѓусебната доверба, институционалната почит и духот на соработка што треба да ги карактеризира нашите односи“, се вели во соопштението.

Според информациите, група политичари од ВЛЕН, меѓу кои координаторот на пратеничката група Беким Ќоку, пратеникот Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата Хасим Муртезани, биле задржани околу еден час во средата попладне на граничниот премин Ќафасан.

Откако албанските полициски службеници не дозволиле влез во државата на едно лице од нивната придружба, целата група македонски политичари, во знак на протест, се вратила назад.