Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе го примени Законот за бунт доколку државните власти во Минесота не ги спречат демонстрантите кои, според него, ги таргетираат службениците на имиграциските служби.

Во објава на социјалната мрежа „Truth Social“, Трамп изјави дека ќе го активира Законот за бунт доколку „корумпираните политичари од Минесота“ не го почитуваат законот и не ги спречат, како што наведе, „професионалните агитатори и бунтовници да ги напаѓаат службениците на Службата за имиграција и царина (ICE)“.

Трамп рече дека службениците на ICE се „патриоти кои само се обидуваат да си ја работат работата“ и додаде дека многу претседатели пред него го користеле истиот закон.

Тој истакна дека примената на Законот за бунт брзо ќе го заврши, како што рече, „хаосот што се случува во таа федерална држава“.

Тензиите во Минесота и пошироко во САД се зголемија по убиството на американската државјанка и жителка на Минеаполис, Рене Гуд, која беше застрелана од агент на ICE на 7 јануари, за време на операција на агенцијата во станбена зона на градот.

Поради инцидентот, протести се одржаа низ повеќе американски градови. Освен во Минесота, демонстрации имаше и во Вашингтон, каде што граѓани се собраа пред Белата куќа, носејќи транспаренти и повикувајќи на промени и зголемен надзор врз имиграциските и царинските служби.