Украинските сили се повлекоа од Лисичанск, поради што Русија објави дека има контрола врз целиот регион Луганск. Но, украинскиот претседател, Володимир Зеленски, ветува дека државата ќе си ја поврати изгубената територија. Гувернерот на Луганск изјави дека одлуката за повлекување на украинските трупи била донесена за да се спречи да се случи втор Мариупол.

„Воените сили што беа таму можеа да продолжат да ги држат териториите уште една, две или три недели. Но, проблемот беше цената. Нашите војници ќе ги губеа животите за ништо. Ќе се повтореше Мариупол. Ова е причината зошто конечно беше решено да се повлечеме од Лисичанск“, рече Серхи Хаидаи, гувернер на Луганск.

Откако не успеа да ја преземе контролата врз Киев, Русија ја концентрираше својата војска во источна Украина со цел да ја преземе контролата врз целиот регион Донбас, кој се состои од Луганск и Доњецк. Падот на Лисичанск ја става Москва поблиску до постигнување на оваа цел.