По седум години застој, започна изградбата на гасниот интерконектор со Грција – проект за регионално поврзување и енергетска независност

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска на собраниската седница за пратенички прашања соопшти дека по долги одложувања конечно започнала реализацијата на гасниот интерконектор со Грција. Премиерот ова го оцени како историски чекор кон засилување на енергетската сигурност на државата.

„Конечно, по седум години политички игри и одложувања, започнавме со работа на гасниот интерконектор со Грција. Првпат, Македонија станува земја низ која ќе транзитира гас, сериозен чекор напред кон енергетска независност,“ изјави Мицкоски.

Претходната влада го закочила проектот со тендер „со основ за корупција“

Мицкоски ја обвини претходната влада дека и покрај тоа што имала завршен проект, потпишани договори и обезбедено финансирање, не направила ништо бидејќи спровела тендер со сомнителна основа, поради што заемодавателите се повлекле.

Тој нагласи дека новата влада ја коригирала тендерската документација, избрала изведувачи и добила зелено светло од меѓународните партнери.

„Фирмата од пред еден месец е воведена во работа, теренските активности се завршуваат и околу 10 јули официјално ќе ја информираме јавноста дека се гради втор интерконектор. Овој е двонасочен, за разлика од постоечкиот со Бугарија, а ќе бидеме поврзани и со Србија и Косово,“ појасни премиерот.

До крајот на 2026 – гасниот интерконектор поврзан со националниот гасовод

Мицкоски најави дека до крајот на 2026 или почетокот на 2027 година, гасниот интерконектор со Грција ќе биде целосно функционален и поврзан со националната гасоводна мрежа.

Новиот капацитет изнесува 3 милијарди кубни метри, а со дополнителни 1,5 милијарди од источен правец, Македонија ќе транзитира четирипати повеќе гас од вкупната домашна потрошувачка.

„Ова е архитектурата на иднината, инвестираме во нови гасни централи и обезбедуваме сигурност и за стопанството и за граѓаните,“ истакна премиерот.

Нов ветерен парк и први чекори кон извоз на електрична енергија

Премиерот најави и изградба на ветерен парк во општините Штип, Карбинци и Радовиш. Новиот парк ќе произведува 1 терават-час електрична енергија годишно, што е 20% од вкупното годишно производство на ЕСМ.

„Првпат очекуваме да завршиме година со енергетска рамнотежа, да произведеме колку што трошиме. Следниот чекор? Извоз на електрична енергија. Историски пресврт!“ порача Мицкоски.

Еден милион тони јаглен од Косово – ќе се плаќа со електрична енергија

Во продолжение на говорот, премиерот објави договор со Косово за набавка на еден милион тони јаглен, кој, за разлика од претходните практики, ќе се плаќа со електрична енергија, а не со готовина или преку тендери.

„Сега е поинаку, транспарентно, ефикасно, домаќински. И се поставува прашањето: зошто тогаш се плаќало поскапо и каде одела разликата?“ праша Мицкоски, со алузија на, како што рече, досегашни нетранспарентни пракси.