Британскиот актер Роберт Патинсон наводно добил еден милион долари само за аудицијата за улогата на Џејмс Бонд, а за снимањето на планираните три филма би можел да инкасира помеѓу 76 и 98 милиони долари. Студиото „Amazon MGM Studios“ сè уште официјално не ги потврдило овие финансиски износи.
Информацијата за милионскиот износ само за појавувањето на аудицијата првично ја објави британскиот весник „Мирор“, додека проценките за вкупната заработка од тригодишниот договор ги презентираше „Дејли Мејл“. Според извори од продукцијата, студиото било подготвено да понуди значително повисока сума иако првичниот план бил да се ангажира помалку познат актер. Лорен Санчез, сопругата на основачот на „Амазон“, Џеф Безос, му дала силна поддршка на Патинсон при финалниот избор.
Според претходните информации објавени од Метју Белони, финалистите морале да потпишат прелиминарни договори пред самите аудиции со кои на студиото му се гарантира опција за идни продолженија. Додека конкурентите Џош О’Конор и Џек Лоуден имале понуди со обврска за четири филма, Патинсон договорил соработка за три проекти со значително повисок почетен хонорар.
Порталот „Celebrity Net Worth“ наведува проценки според кои актерот за првиот филм ќе добие меѓу 15 и 20 милиони долари, додека вкупниот пакет со бонуси би можел да достигне од 80 до 110 милиони долари. Студиото на 16 ноември официјално објави дека четириесетгодишниот актер ќе го наследи ликот на култниот таен агент 007 по деталните проби на кои финалистите снимаа по три сцени во целосни костими.
„Беше толку очигледно на пробните снимања. Тој е Џејмс Бонд“, рече Безос.
„Амазон“ го презеде „MGM“ во 2021 година за сума од 8,45 милијарди долари, а во февруари 2025 година ја презеде и целосната креативна контрола врз франшизата од продуцентите Барбара Броколи и Мајкл Г. Вилсон. Новиот филмски проект за тајниот агент ќе го режира Денис Вилнев, додека сценариото го подготвува Стивен Најт.
