Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на заседанието еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс ќе го презентира предлогот за измена на Европскиот изборен закон во пресрет на изборите за членови на Европскиот парламент во јуни следната година и ќе ги информира министрите од земјите членки на ЕУ за последните случувања во врска со независноста на судството во Полска, како и за состојбите во Унгарија поврзани со судскиот систем, корупцијата, слободата на медиумите и правата на ЛГБТИК лицата.
За време на работниот ручек, извршниот потпретседател на ЕК за Европскиот зелен договор и за меѓуинституционални реформи Марош Шефчович ќе учествува во размената на мислења со министрите за иднината на Европа, а во текот на попладневното заседание на Советот со нив ќе дискутира за состојбата на односите меѓу Европската Унија и Обединетото Кралство и за барањето на Шпанија за прогласување на каталонскиот, баскискиот и галицискиот за службени јазици на ниво на ЕУ.
Еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан пред членовите на Советот за општи работи ќе ја претстави програмата за работа на Европската комисијата за 2024 година, а со нив ќе разговара и за подготовките на Самитот на ЕУ предвиден за 14 и 15 декември.
Со заседанието на Советот ќе претседава шпанскиот државен секретар за ЕУ, Пасквал Игнасио Наваро Риос.
Советот за општи работи го сочинуваат министри или државни секретари за надворешни работи и европски прашања на земјите членки на ЕУ. Во надлежност на ГАК се голем број меѓусекторски области, меѓу кои и проширувањето и преговорите за членство во ЕУ, усвојувањето на повеќегодишната финансиска рамка на блокот, спроведувањето на политиката на кохезија и прашања поврзани со административни работи и со институционалната поставеност на Унијата.