Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска преку социјалните мрежи информираше дека конечно е закажан вториот ден од надзорната расправа посветена на случајот со Алта банка. Таа упати директни критики за пристапот и динамиката со која опозициските партии ја водат оваа собраниска постапка.
„Конечно, се закажува втор ден за надзорната расправа за АЛТА БАНКА. Замислете, толку ‘итно’ беше ова прашање, што дури после 10 дена ја свикаа првата, а за после две недели од првата – и втората сесија од надзорната“, објави Стојаноска.
Пратеничката во своето обраќање посочи дека одолговлекувањето на седниците јасно говори за вистинскиот капацитет и намерите на политичките опоненти. Таа потсети дека парламентарното мнозинство барало итен почеток на дебатата и покрај тековните обврски околу буџетската процедура.
„Толку од сериозноста на темава и сериозноста на опозицијата. Инаку, да, буџетот е во тек сега, но токму заради тоа ние инсистиравме, замолувавме и повикувавме надзорната што побрзо да почне и што побрзо да заврши. Сами себе се демантираат и навистина не знаат кај тераат. Некој ќе каже: седете си раат со слаба опозиција. За жал, не е добро ова ниту за власта, ниту за државата. Но, тоа е што е. Следна среда… со нови сведоци и нови прашања и разобличувања“, напиша Стојаноска.
