Обвинителството бара строга казна за сите обвинети

Обвинителството денеска ги презентираше завршните зборови за грозоморните убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски, во кои се обвинети Љупчо Палевски – Палчо, Влатко Кешишев, Боре Видевски, Велибор Манев и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

„Станува збор за убиство на дете и на пензионер, сторено на свиреп и монструозен начин. Обвинетите заслужуваат не само правна казна, туку и највисока морална осуда“, рече обвинителката Жаклина Крстевска – Јосифовска, додавајќи: „Ова е напад врз човечноста, врз општеството во целина, кој ја руши секоја верба во добрината и правдата“.

Шокантни детали: План за грабнување и ладнокрвни убиства на Вања и Панче

Според обвинението, групата сковала план за грабнување на лице што живее сам, со цел да го земат возилото. Изборот паднал на Панче Жежовски од Велес, бидејќи неговиот „цитроен“ имал голем багажник. На 22 ноември 2023 година, околу 11 часот, го киднапирале и го убиле.

„Имам закани од психопативе, но не им се плашам“: Сведокот Трајковски во суд зборуваше за убиствата на Вања и Панче

Два дена подоцна се обиделе да ја грабнат Вања Ѓорчевска, но неуспешно. На 27 ноември, добивајќи информации од нејзиниот татко, ја киднапирале и убиле помеѓу 8.30 и 9.30 часот. Обвинителката посочи дека убиството било ладнокрвно и целосно пресметано.

„Никој од обвинетите не покажал каење по убиството на Панче. Напротив, веднаш продолжиле со реализацијата на следниот дел од планот – грабнување и ликвидација на девојчето, кое не им сторило ништо“, рече Јосифовска.

Таткото на Вања останува обвинет

Обвинителството смета дека и Александар Ѓорчевски има вина. Тој им ги дал на обвинетите информациите за движењето на неговата ќерка, а неговото однесување по исчезнувањето било сомнително.

  • „По исчезнувањето на Вања, не прашал ништо за другата ќерка Миња, туку веднаш тргнал сам да ја бара токму по патеката по која се движеле киднаперите. Вечерта пред злосторството ѝ пратил порака да се облече како за планинарење, иако училиштето е само на седум минути од дома“, рече обвинителката, нагласувајќи дека Ѓорчевски во разговори со МВР постојано повторувал: „Киднапирана е и убиена, џабе ја бараме“.

Обвинителство: Палевски од страв избегал во Белград

Љупчо Палевски, кој важи за клучен обвинет, според обвинителството, побегнал во Белград од страв да не биде фатен. Обвинителката истакна дека немал закажано никаков медицински преглед и дека врз ниту еден од обвинетите не било вршено насилство при истрагата.

  • „Вината е јасна и поткрепена со докази. Бараме соодветна и строга казна за сите обвинети“, заврши Јосифовска.

Убиството на малата Вања и Панче предизвика колективна траума. Јавноста очекува најстрога казна за сторителите.