Почнува времето на факти, резултати и чесност
На денешниот народен митинг во Радовиш, Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека почнува времето на факти, резултати и чесност. Тој додаде дека правосудството е слуга на политичките елити од минатата власт.
Тој нагласи дека истите останале неказнети поради неправеден систем, корупција, непотизам и врски во судството и обвинителството.
„Објаснувањето за 2% доверба ќе го видите токму во потеклото на овие судии кои се или од СДСМ или од ДУИ. Но, иако се нервозни, иако на секое мое кажување на вистината за судството тие реагираат и паничат како да е загрозена нивната независност, треба да знаат и тие и нивните газди политичари дека доаѓа денот кога мора да се понесе одговорност“, рече Мицкоски.
Нервозата кај лидерите на опозицијата и критика кон Филипче
Мицкоски посочи дека нервозата на оние кои се нафатиле да бидат слуги не е затоа што јавноста им бара резултати, туку поради тоа што ќе мораат да дадат извештај за своето работење. Тој директно го спомена лидерот на СДСМ, Венко Филипче, истакнувајќи дека неговите реакции на камерите и на митинзите се поради неизбежната одговорност за минатите седум години владеење заедно со ДУИ.
„И затоа се спремни на трикови, подземни игри и нечесни коалиции. Знаат, подготвени се да се сојузат и со црниот ѓавол само за да си ги спасат кариерите. И донекаде можам да ја сфатам играта на претседателот на СДСМ, која не е негова, туку со сите сили се труди да игра за да го спаси својот ментор, својот гуру“, додаде Мицкоски.
Тој посочи дека Филипче вложува многу енергија да го брани неодбранливото. Секој негов потег е прозирен и јасно се гледа дека ова не е трка за победа на СДСМ, туку за спас на сопствената кожа.
„Ако беше поинаку, кога ќе ги видевте сите осојузени на едно место – Венко, Димче, Али и Стевчо – народот ќе ги порази исто така на купче на 19 октомври“, заклучи Мицкоски.
Крај на странски влијанија и почеток на достоинствена политика
Мицкоски на крајот нагласи дека завршува времето кога бугарски премир финансираше македонски политичари. Тие му испорачуваа национални отстапки на грбот на народот.
„Завршува времето на предавства, почнува времето на достоинствена политика, на факти, аргументи, исправен ‘рбет и резултати. Само така Македонија и сите заедно ќе победиме“, рече Мицкоски.