Трамп: Зеленски може веднаш да ја заврши војната

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинскиот лидер Володимир Зеленски може „веднаш да ја заврши војната со Русија, ако сака, или да продолжи да се бори“. Коментарот беше објавен на неговата социјална мрежа „Трут соушал“, во пресрет на разговорите во Вашингтон со Зеленски и европските лидери.

Трамп потсети на, како што рече, почетокот на конфликтот: „Нема враќање на Крим даден од Обама и нема влез на Украина во НАТО. Некои работи никогаш не се менуваат“.

УКРАИНА ТРЕБА ДА ОТСТАПИ ТЕРИТОРИИ ИЛИ ВОЈНАТА ЌЕ ПРОДОЛЖИ И ЌЕ ИЗГУБИ ПОВЕЌЕ, ВЕЛИ ТРАМП

Дипломатски разговори во Вашингтон

Зеленски најпрво ќе има средба со Трамп во Овалната соба, по што ќе следи заедничка средба со лидерите на Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Финска, Европската Унија и НАТО. Европските држави очекуваат да ја зајакнат дипломатската поддршка за Украина и да избегнат повторување на тензичната средба меѓу Трамп и Зеленски од февруари.

Безбедносни гаранции како дел од можен мировен договор

Специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, изјави дека Русија се согласила да дозволи САД и Европа да обезбедат „робусни“ безбедносни гаранции за Украина. Како дел од потенцијалниот договор, се разгледува понуда слична на Член 5 од НАТО, кој предвидува колективна одбрана во случај на напад. Зеленски ја оцени оваа понуда како „историска“, а коалицијата на сојузници на Украина најави дека ќе гарантира мир откако ќе се постигне договор.