Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска за време на говорот во албанскиот парламент преку видеоврска апелираше земјата да ги затвори пристаништата за руските бродови и да го ограничи пристигнувањето на руски туристи.
Зеленски додаде дека руските банки треба да се одвојат од глобалниот финансиски систем, а во меѓувреме да се затворат пристаништата за руските бродови и да се ограничи бројот на руски туристи, пишува Euronews Albania.
Украинскиот претседател изјави дека во Европската унија се разговара за шестиот пакет санкции и дека обемот на трговската размена со Русија мора да се намали, колку и да е тоа тешко и дека Обединетите нации треба да ја прекинат соработката со оваа земја.
Тој во денешното обраќање пред албанскиот парламент изјави дека украинската армија пронашла масакрирани тела во зоните напуштени од руски војници.
Тој додаде дека „Русите не дозволуваат да се доставуваат храна и лекови во зоните на вооружени конфликти и дека дури и убиваат деца, пренесува Албанскиот Дејли Њуз.
Зборувајќи за ситуацијата во Мариупол, украинскиот претседател изјави дека тоа е целосно уништен град во кој има само „уништување, убиства и тотален грабеж“ и дека во него се уништени многу верски објекти.
Зеленски и се заблагодари на Албанија за поддршката што оваа земја и ја дава на Украина, пишува Албанскиот Дејли Њуз.