Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска треба да допатува во Лондон каде ќе се сретне со премиерот на Велика Британија Риши Сунак. Посетата, која претходно не беше најавена, доаѓа во период кога украинскиот претседател врши притисок врз европските лидери за дополнителна воена помош за неговата земја во војната со Русија.

За посетата, преку објава на својот твитер-профил, информираше самиот Зеленски, кој напиша дека ќе се сретне со својот пријател Сунак за да одржат, како што наведува, суштински преговори.

„Денеска – Лондон. Обединетото кралство е лидер кога станува збор за проширување на нашите способности на земја и во воздух. Оваа соработка ќе продолжи и денеска. Ќе се сретнам со мојот пријател Риши. Ќе водиме суштински преговори лице в лице и на ниво на делегации“, напиша Зеленски на Твитер.

Украинскиот претседател последен пат го посети Лондон во февруари, кога имаше средба и со кралот Чарлс Трети и се обрати во британскиот Парламент во Вестминстер.

Минатата недела Велика Британија стана првата земја која почна да ја снабдува Украина со крстосувачки ракети со долг дострел.

Изминатите денови, украинскиот претседател се сретна со повеќемина западни лидери. Вчера, тој беше во посета на Германија, каде во Берлин имаше средби со премиерот и претседателот на земјата, Олаф Шолц, односно Франк-Валтер Штајнмаер.

Зеленски допатува во Берлин од Рим, каде во саботата се сретна со италијанските власти и со папата Франциск.