– Она што го направивме денеска како Г-7 е постигнување договор, не само за заеднички пристап за решавање на евакуацијата, туку се согласивме и за план како ќе се однесуваме кон талибанците, рече Џонсон по итниот видео самит на седумте најразвиени земји во светот.

Тој повтори дека условот број еден за талибанците е тие да мора да гарантираат безбеден премин за секој што сака да го напушти Авганистан по 31 август.

Џонсон изрази надеж дека талибанците ќе сфатат дека, како што рече, Г7 е организација која има клучно глобално „економско, дипломатско и политичко влијание“.

– Она што сакаме да го порачаме е дека Авганистан не може повторно да стане жариште на терор, ниту нарко држава, а девојчињата мора да имаат право на образование до 18-годишна возраст, рече британскиот премиер.

На прашањето дали лидерите на Г-7 извршиле притисок врз американскиот претседател Џозеф Бајден за неговиот пристап кон решавање на кризата и за одбивањето да го продолжи рокот за заминување на преостанатите американски војници од Авганистан по 31 август, Џонсон рече дека евакуацијата од Кабул претставува многу значаен успех за војската“.

– Убедени сме дека можеме да извлечеме уште илјадници луѓе, меѓутоа, ситуацијата на аеродромот во Кабул не е ништо подобра, одговори Џонсон.