Секторот земјоделство беше еден од најзапоставените сектори што ги наследи актуелната Влада, нерешени предмети кои директно влијаеја врз егзистенцијата на земјоделците. Најголем проблем кој го остави претходната влада беа субвенциите. Кај производителите на млеко имаше неисплатени субвенции за период од околу година и пол, а над 1600 вработени во ЈП Национални шуми беа оставени без плати повеќе од 4 месеци, како и без здравствено и пензиско осигурување, посочуваат од владејачката партија.

-Најважната обврска, која Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја реализираше беше токму исплаќање на субвенциите, а за две години исплатени се над 15 милијарди денари субвенции, додека во првите месеци беа исплатени околу 4 милијарди денари заостанати средства. Субвенциите во сточарството се зголемија за 50% и се укина непотребната бирократија со двојно пријавување, со што се спречи 7000 земјоделци да останат без финансиска поддршка. За производителите, се зголеми откупната цена на тутунот и се донесе методологија за пресметка на производна цена на винско грозје. Резултатот беше највисоки откупни цени за лозарите и зголемување од 25%, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

За младите земјоделци беа одобрени 117 проекти со финансиска поддршка од 69 милиони евра, а за промоција на македонското земјоделство се склучија 57 договори во вредност од 34 милиони денари за набавка на специјални комбајни за ориз и мини сушари.

-За две години, Владата комплетно ја промени и подобри состојбата во овој сектор. Земјоделското производство бележи раст, а минатата година извозот на земјоделски производи и преработки достигна 417 милиони денари, со суфицит од 215 милиони евра. Зголемено е производството на овчо млеко, кравјо млеко, на свинско месо, и со ова се задоволува количината која е потребна за домашниот пазар. Исто така минатата година се произведоа и откупија околу 300.000 тони пченица. Од сектор кој беше запоставен, земјоделството денес е сектор во кој повторно се инвестира, а се создаваат и услови за развој. Владата покажа дека земјоделците се приоритет. Овој пристап ќе продолжи и во иднина, за да се обезбеди стабилно и одржливо земјоделство и подобар животен стандард за секој еден земјоделец во земјава, велат од ВМРО-ДПМНЕ.