Секоја шеста лабораториски потврдена бактериска инфекција во 2023 година била отпорна на антибиотиците што се користат за лекување. Самолекувањето, непотребното земање антибиотици и нивната неправилна употреба го забрзуваат ширењето на резистентни бактерии.
Замислете лекар да ви препише антибиотик за бактериска инфекција, но терапијата да не дава резултати. Инфекцијата не се повлекува, симптомите продолжуваат, а лекот што со години бил сигурен сојузник во лекувањето повеќе не помага. Ова не е само хипотетичко сценарио, туку сè посериозен здравствен предизвик со кој се соочуваат земјите ширум светот.
Антимикробната резистенција, односно способноста на микроорганизмите да преживеат и да се размножуваат и покрај употребата на лекови што треба да ги уништат или да го запрат нивниот раст, претставува еден од најголемите предизвици на современата медицина. Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), во 2023 година секоја шеста лабораториски потврдена бактериска инфекција била отпорна на антибиотиците што се користат за нејзино лекување.
„Проблемот е особено изразен кога бактериите развиваат отпорност на повеќе различни антибиотици. Меѓу нив се и бактерии што одамна ни се познати, како ешерихија коли, стафилококи и клебсиела. Инфекциите што ги предизвикуваат може да станат многу комплицирани за лекување, бидејќи лекарите имаат сè помалку ефикасни терапевтски можности. Во одредени случаи, бактериите стануваат отпорни на речиси сите достапни антибиотици“, велат фармацевти.
Како дојдовме до ситуација лековите што со децении успешно лекувале бактериски инфекции да стануваат сè помалку ефикасни? Една од главните причини е нивната прекумерна и неправилна употреба. Кога користиме антибиотик, тој ги уништува бактериите што се чувствителни на него, но отпорните бактерии можат да преживеат и да продолжат да се размножуваат. Со текот на времето, тие стануваат сè позастапени, а можат и да ги пренесуваат механизмите на отпорност на други бактерии. Така се создава маѓепсан круг во кој антибиотиците сè потешко ја исполнуваат својата основна функција.
Посебен проблем се длабоко вкоренетите навики за самолекување. „Да земам антибиотик за настинката да не ми се спушти на белите дробови“, „Ми останаа неколку таблети од минатиот пат, можам да ги искористам“ или „На соседот му помогна овој антибиотик, можеби ќе ми помогне и мене“ се реченици што и денес често се слушаат, посочуваат фармацевтите.
Но, антибиотиците не делуваат на вируси и не можат да ја излечат обичната настинка или грипот. Нивното земање без потреба не го забрзува закрепнувањето, а може да придонесе за развој на резистентни бактерии и да ја наруши природната рамнотежа на корисните микроорганизми во организмот.
Важно е да се разбере и една честа заблуда: не станува човекот отпорен на антибиотик, туку бактериите. Тие потоа можат да се шират меѓу луѓето, што значи дека последиците од неодговорната употреба на антибиотици не ги сноси само лицето што ги зема, туку целата заедница, предупредуваат фармацевтите.
Во борбата против антимикробната резистенција важна улога имаат и фармацевтите, кои често се меѓу првите здравствени работници со кои граѓаните се консултираат за правилната употреба на лековите. Нивната улога не е само да објаснат како се зема лекот. Тие ги информираат пациентите за важноста на придржувањето до пропишаната терапија, можните интеракции со други лекови и храна, правилниот начин на примена, како и за несаканите ефекти на кои треба да внимаваат.
Светската недела на свесност за антимикробната резистенција е можност да се потсетиме дека ефикасноста на антибиотиците не е нешто што се подразбира, ниту нешто што ќе трае засекогаш. Таа зависи и од начинот на кој ги користиме денес. Затоа антибиотиците не треба да се земаат на своја рака, да се користат остатоци од претходна терапија или да се споделуваат со членови на семејството. Треба да се земаат исклучиво кога ќе ги препише лекар и според неговите упатства, а за сите прашања поврзани со правилната употреба треба да се консултира фармацевт.
Секоја непотребна употреба на антибиотици придонесува за проблем што ниту еден поединец не може сам да го реши. Зачувувањето на нивната ефикасност е заедничка одговорност на здравствените работници, институциите и секој од нас.
