Претставниците од иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ упатија остри критики по денешната прес-конференција на првиот човек на СДСМ, Венко Филипче. Тие оценија дека со директните напади врз учесниците партискиот лидер се обидува неосновано да ја дискредитира нивната платформа. Организаторите на дебатата истакнаа дека нема да премолчат на ваквите обиди, особено поради присутните граѓани кои не се активни политичари.
Во соопштението испратено до јавноста, реформаторите директно го оспорија внатрепартискиот легитимитет на актуелното раководство на партијата.
„Венко Филипче со малата група се фракција во СДСМ. Тој не е претседател на членството, туку претседател на фиктивни картички за гласање. Денес се потврди токму тоа. Со сите притисоци врз членовите, тој на прес-конференцијата собра половина раководство и стотина луѓе во публика. Тоа е помалку од еден процент од гласовите кои наводно ги освои на внатрепартиските избори. Венко Филипче нема образ за обвинувањата кои ги пласира. На пример, во неговиот Централен одбор седи Рубин Земон, човекот кој го оспорува македонскиот великан Гоце Делчев. Со Левица ние имаме многу разлики за различни прашања, но сме согласни за едно, ’на ти – дај ми’ тандемот Мицкоски – Филипче мора да бидат поразени“,
Според организаторите, посетеноста на прес-конференцијата на СДСМ не соодветствувала со наводните гласови што Филипче ги добил на претходните внатрепартиски избори. Тие наведуваат дека на нивната втора сесија се развила автентична идеолошка и демократска дебата каква што со години отсуствувала во партијата. Проценката на оваа граѓанско-политичка иницијатива е дека учесниците на средбата со себе носат потенцијал од најмалку 150.000 гласачи.
На втората сесија на ’Разговори за иднината во 12:05’ имаше идеолошка, експертска и демократска дебата која во СДСМ не се случила со години. Таа маса на Платформата вчера тежеше минимум 150 илјади гласа. Со хистеријата која упорно се обидува да ја наметне Венко Филипче, тој свесно ги одвраќа опозициските гласови од СДСМ затоа што е уценет и мора да одработи во полза на ВМРО-ДПМНЕ“,
Од платформата дополнително потенцираат дека тесното партиско раководство свесно создава поделби на опозициската сцена за лични интереси.
Главен кочничар на обединувањето на опозициската демократска и прогресивна јавност е ова изгубено партиско раководство чија единствена цел му е да се докопаат до пратенички мандати
Во реакцијата се наведува и дека огромното мнозинство од членството не ги поддржува ваквите потези на раководството на „Бихаќка“. На самиот крај од обраќањето, реформаторите упатија најтешки квалификации кон лидерот на СДСМ, порачувајќи дека тој воопшто не е политичка жртва, туку егзекутор на највалканиот дил во поновата политичка историја на Македонија.
