По денешната целосна блокада за да ги спречат повторно да работат екипите на Електродистрибуција, жителите на Слупчане ги уништија трафостаниците за снабдување со електрична енергија и направија дефект од највисок степен, поради што жителите од селото и пошироко останаа без струја, пренесува Plusinfo.mk.
Кумановското село Слупчане и другите околни села Оризаре, Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце сѐ уште се соочуваат со прекини во снабдувањето поради сериозниот дефект, потврдија од ЕВН Македонија.
Ова е втор пат дефект од ваков обем во Слупчане да предизвика прекин на снабдувањето со електрична енергија во околните села. Пред околу 3 недели, одредени лица безуспешно се обиделе да го вратат напојувањето на селото, кога нелегално влегле и упаднале во среднонапонски енергетски објект. Се покажа дека ова е дефект кој освен Слупчане, остана без струја и други села.
„Дефектот во снабдувањето со електрична енергија во село Слупчане е резултат на континуираното незаконско користење на електрична енергија. За жал, и дел од селата кај Липково се зафатени и се соочуваат со прекини во снабдувањето.
Екипите за дистрибуција на електрична енергија при вршење на редовни работни активности или санирање на дефекти во ова село често се соочуваат со вербални и физички напади. Истото се случи и денеска.
Сè додека не е загарантирана безбедноста на работниците на Електродистрибуција и се создадат нормални услови за работа, нема да вршиме редовни работни активности или да работиме на отстранување на дефекти“, информираат од ЕВН Македонија.
Денеска и по неколку недели, Електродистрибуција повторно не успеа да го започне проектот за реконструкција во Слупчане. Мештаните продолжија да ги попречуваат екипите и да го блокираат селото.