По катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Западот и Истокот во Скопје се натпреваруваа со пари и со идеи, се водеше интересна меѓународна игра. Западната цивилизација, сакаше да се натпреварува со источната на поинакво ниво – на ниво на солидарност, со пари и со тимови. Проектите за изградбата не се однесуваа само на архитектура и на дизајн. Експертите мислеа и социолошки и филозофски, направија концепт на град што требаше да биде репрезент на она што западната цивилизација го сметаше за демократска и слободарска култура. Скопје требаше да се подготви за 21 век, вели професорот Живко Поповски, познат архитект и претседател на Архитектонската академија во интервју за весникот „Дневник“ во 2004 година.
Најпознат е со своите дела: Градскиот трговски центар во Скопје, Домот на пензионерите во Охрид, реконструираниот Дом на културата „Григор Прличев“, исто така, во Охрид и др.
Поповски е роден на 30 јули 1934 година во Скопје. Дипломирал на архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје со дипломскиот труд „Могила на македонските великани во скопското Градиште“, под менторство на проф. Борис Чипан). По дипломирањето се вработил во „Гранит“ како инженер-изведувач. Како талентиран архитект, во 1963 година бил примен за асистент на Архитектонскиот факултет, по предметот „Проектирање општествени згради“, каде што се истакнал во сферата на педагошката и научно-истражувачката дејност.
Својата професионална кариера ја почнал со учество на повеќе анонимни архитектонски конкурси. До крајот на 1970-тите години учествувал на 23 конкурси на подрачјето на поранешна СФРЈ и во други земји, на кои освоил повеќе награди и признанија. Посебен успех забележал на конкурсот за Градскиот трговски центар во Скопје во 1967 година, кога неговиот труд го освоил првото место. Неговата академска и стручна наобразба се должи и на бројните студиски престоји, од кои највлијателен е студискиот престој во архитектонското биро на проф. Ван ден Брук и проф. Јакоб Бакема, Ротердам, Холандија, 1965, со кои тимски го работи меѓународниот урбанистичко-архитектонски конкурс за обнова на централното подрачје на Скопје. Од 1995 до 1999 година бил декан на Архитектонскиот факултет, кога и ја завршил својата кариера како редовен професор. Бил член, претседател и заслужен член на Сојузот на архитектите на Македонија.
Напишал многу студии, расправи и написи во стручни списанија и во дневниот печат. Тој даде посебен придонес во афирмацијата на нашата земја со своите текстови „Град кој беше во игра“, објавен во стручното списание на Сојузот на архитектите на Германија и со „Архитектурата во Македонија од почетокот до модерното доба“, отпечатен во 34-томната енциклопедија на „Дикшнари оф арт“ од Лондон. Архитектот Живко Поповски е добитник на „Борбина плакета“ и на националната награда „11 Октомври“, за проектот за Градскиот трговски центар, како и наградата Андреја Дамјанов во 2002 година.
Починал по кратко боледување на 10 јануари 2007 година во Скопје.
Градска.мк се потсетува на едно од неговите последни интервјуа, за да се потсетиме што се сменило за 20 години или се уште тапкаме во место?
Како се случи планот за Скопје по земјотресот да се прави на меѓународно ниво?
Не беше поентата само да се направи град и улици, градски ѕид и толку. Беше важно објектите да имаат семантичко и културолошко значење.-Тоа беше иницијатива на Јосип Броз Тито, а го одработија неговите дипломати. На Југославија ѝ беа потребни светски релации, а земјотресот беше добар повод. Конкурсот беше еден од мостовите за врзување на слободниот свет со западните земји. Во Обединетите нации првпат се донесе резолуција за солидарност. Со неа не се испраќаше војска во некоја земја, туку стручњаци, екипи и пари, за да се гради светот со друга програма, на поинаква основа. Конкурсот почна во март 1964 година. Истовремено почнаа да се прават Генералниот урбанистички план на Скопје, промената на железничките линии и разни социолошко-сообраќајни истражувања. На тоа работеше огромна екипа, со страшна сериозност. Не беше поентата само да се направи град и улици, градски ѕид и толку. Беше важно објектите да имаат семантичко и културолошко значење.
Каков град затече земјотресот?
-Скопје е градено во специфичен период во Кралството Југославија, а до 1918 година бил на левата страна на Вардар. Јадрото го граделе Турци, Евреи и други. Кога дошле Србите, дале огромни пари за Скопје, по што за кратко време градот никнал и на десната страна. Во Југославија тогаш преовладувала левичарската ориентација, но Македонија била директно под контрола на српската круна. Српскиот двор инвестирал и во некои градби што наликувале на оние што ги градела нацистичката идеологија. Скопје има многу интересна историја на архитектурата, која по земјотресот беше проценета од историско-социолошки и од политички аспект.
Кој и како одлучуваше кои објекти ќе се урнат, а кои ќе се обноват?
Западните експерти сугерираа дека некои објекти ја немаат вредноста што им се припишува. Затоа се урнати некои познати објекти, како офицерскиот дом и стариот театар.-На највисоко експертско ниво се направи снимка, за да се оддели што вреди, а што не. Беше договорено Скопје да биде град на нова ера, на демократија и на слобода. Уривањето на зградите беше брзо и, според мене, беше решено прво на идеолошка и политичка основа, а потоа и на стручна. Западните експерти сугерираа дека некои објекти ја немаат вредноста што им се припишува. Затоа се урнати некои познати објекти, како офицерскиот дом и стариот театар. Беше многу важно во разумен рок во една социјалистичка земја да се покаже нов град. Социјалистичките градови, како Софија, Варшава, Прага ја отсликуваа идеологијата. Важно беше центарот и обликот на градот да не бидат социјалистички.
Скопје денеска не изгледа онака како што било замислено во 1964 година. Како и кога се напушти концептот?
Почнавме да правиме компромиси и да размислуваме како и ние знаеме нешто, а не само другите. Така почна да се урива идејата. Наместо нашите експерти заедно да ја надградат со странците, како едвај да чекаа да се дистанцираат од неа.-По некое време од изградбата, кај нас како да се јави недоверба кон сѐ што доаѓа од Запад. Почнавме да правиме компромиси и да размислуваме како и ние знаеме нешто, а не само другите. Така почна да се урива идејата. Наместо нашите експерти заедно да ја надградат со странците, како едвај да чекаа да се дистанцираат од неа. Кога ние ги преземавме акциите, кога се доби локално ниво, поради неспособноста да ја прочитаме големата идеја, решивме дека не ја сакаме. Сакавме да си останеме какви што сме. Во доцните шеесетти години почнаа да се прават многу компромиси. Она што требаше да биде исчистено околу градскиот ѕид, остана, од божем економски причини. Имаше протекции, ако некаде живееше важна личност, неговата куќа не се уриваше. Зошто остана, на пример, зградата каде што денеска е седиштето на ВМРО-ДПМНЕ? Зошто сѐ уште не е пробиен булеварот Свети Климент Охридски преку Вардар до Калето? Имаше пари. Не се направи поради неколку потрчковци на власта што живееја на трасата и велеа, не сега, утре, па каде ќе одиме ние, во центар сме, не нѐ рушете… Не направивме град што денес ќе беше светски лидер во она што значи урбанизам, нов град со нови односи внатре, без посебни населби за етничките заедници. Наместо тоа, ние решивме да ја градиме Топаана. Од меѓународната заедница не можеа да веруваат дека мора да се прави енклава за Ромите! Така настана Шутка. Театарот на малцинствата требаше да се гради во населбата Јане Сандански. Од политички причини се изгради кај Бит-пазар.
Дали Скопје денес ги следи правилата за асеизмичко проектирање?
Во Скопје на еден хектар треба да има од 250 до 400 жители. Денес има над 800, што според нормативите за трусни подрачја е недозволиво.–Во Скопје на еден хектар треба да има од 250 до 400 жители. Денес има над 800, што според нормативите за трусни подрачја е недозволиво. Техничките прописи велат дека, во случај на мал потрес, расипана инсталација или прскање на водовод, жителите треба да можат два до три дена да живеат во својата околина, додека не се санира штетата. Да не дојде до ширење во случај на пожар, да не се затрупа слободниот простор ако пак удри силен земјотрес, да има пристап за механизација, брза помош… Тие прописи мора да се почитуваат. Ние само доградуваме и надградуваме. Она што е направено со Дебар Маало, Буњаковец итн. е катастрофа. Тоа е злосторство.
Како го гледате денешно Скопје?
-Мислам дека е промашен град. Треба голем напор за да заздрави, а има шанси. На пример, она што е нездраво
треба да се изолира, па да се интервенира дури откако ќе заздрави околината. Ние правиме обратно. Она што е болно, особено центарот на Скопје, уште повеќе го напаѓаме. Новото мора да се приспособи на она што е вредно и што е старо, а не да го деструктира и уништува. Најголема вина носат луѓето што го водеа градот и државата недомаќински, оние што не разбираат дека Скопје нас треба да нѐ претставува како држава и да биде урнек за другите градови во Македонија. Денес гради кој стигне и кај стигне. Треба да се гради, но во околината, во Драчево, на Скопска Црна Гора. Денес се прават капитални објекти во центарот на градот наместо во периферијата. Таму би биле вистински енергетски точки, ќе има движење, зашто кон нив ќе се слеваат маси луѓе од разни страни. Тоа се научни пристапи, а во Скопје нема таков пристап, само шпекулација.