Движењето ЗНАМ – За наша Македонија вечерва на полноќ ја завршува изборната кампања и упати повик за масовна излезеност на вториот круг од локалните избори што ќе се одржи задутре.
Во обраќањето, генералниот секретар Горан Минчев најави мобилизација за недела, 2 ноември, со апел до членови, симпатизери и поддржувачи да „излезат масовно и да ја покажат енергијата, довербата и вербата во визијата“. Посочи поддршка за број 2 – Максим Димитриевски во Куманово, број 2 – Мирослав Лабудовиќ во Центар и број 9 – Орце Ѓорѓиевски за Град Скопје, како и за сите кандидати на владини партнери „каде што заедничката поддршка носи промена“. Апелираше и до сите граѓани, без оглед на политичка, етничка или верска припадност, „да гласаме за визија, за работа и за систем, за иднина во која младите остануваат, семејствата живеат достоинствено, а државата функционира како дом за сите“.
Минчев изрази задоволство од резултатите во првиот круг, наведувајќи дека тие „дефинитивно ја потврдија стабилизацијата на гласачкото тело“ и се показател дека политиките се во „вистинска насока“. Упатена беше благодарност до коалициските партнери во власта – ВМРО-ДПМНЕ и Вреди.
Тој нагласи дека „највредното од кампањата“ биле средбите очи-в-очи со граѓаните: „Отворените врати, искрените насмевки и топлото добредојде беа нашата најголема мотивација да истраеме и да покажеме што значи да се работи за народот и за државата.“
На крај, Минчев се заблагодари на активистите на ЗНАМ за „несебичната пожртвуваност, поддршка и доверба“ во текот на петте недели од кампањата.
