Министерството за внатрешни работи соопшти дека по насока на министерот Панче Тошковски, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди спровел детална проверка за постапувањето на полицијата во Велес по сите случаи кои претходно ги пријавила жртвата Росица Коцева.

Според утврденото, во најголем дел од предметите полицијата постапила во согласност со законските процедури. За пријавениот било поднесено и кривично дело, а судската постапка завршила со условна казна. Сепак, внатрешната контрола забележала дека во дел од пријавите не било дејствувано целосно во рамки на законските обврски и процедури.

Како резултат на овие наоди, предложено е поведување дисциплинска постапка против 11 лица вработени во Секторот за внатрешни работи Велес. Истовремено, за утврдените пропусти е доставено писмено известување до Јавното обвинителство, кое понатаму ќе постапува во рамки на своите надлежности.

Министерството потенцира дека ќе остане посветено на принципите на транспарентност, професионалност и отчетност. Најавено е унапредување на процедурите и отстранување на системските слабости за полицијата поефикасно да ја врши својата улога во заштита на граѓаните.