Скопје денеска одбележува 82 години од ослободувањето од фашистичката окупација. На 13 ноември 1944 година, по неколкудневни тешки борби, единиците на Народноослободителната војска влегоа во градот и го означија крајот на окупацијата.
Во ослободувањето учествувале борците од 42. и 50. дивизија и 16. Македонска бригада. Најжестоките борби се воделе кај Учителската школа, железничката станица и браната „Матка“. Според Сојузот на борци од НОАВМ, во борбите за ослободување на Скопје животот го загубиле повеќе од 420 борци.
Голем дел од важните градски објекти биле зачувани, меѓу нив Офицерскиот дом, Народната банка, Старата железничка станица, Учителската школа, Камениот мост и хидроцентралата „Матка“. Во одбраната на градот учествувале и неговите жители, кои им се приклучиле на борците во уличните борби.
Ослободувањето означило почеток на нов период во развојот на Скопје. Во повоените години градот се проширил, се граделе фабрики, училишта, болници и нови станбени населби. Индустрискиот развој привлекол жители од различни делови на Македонија, а Скопје постепено прераснувало во административен, економски и културен центар.
Голем пресврт во изгледот на градот се случил на 26 јули 1963 година, кога катастрофалниот земјотрес уништил голем дел од неговото урбано јадро. Загинале повеќе од 1.000 луѓе, а десетици илјади останале без своите домови. Обновата започнала со помош од Југославија и од голем број земји во светот, по што Скопје станало познато како „град на солидарноста“.
Во реконструкцијата учествувале домашни и странски архитекти и урбанисти. Меѓу нив бил и јапонскиот архитект Кензо Танге, чиј план за центарот на Скопје од 1965 година оставил значаен белег врз понатамошниот развој на градот.
Во следните децении биле изградени нови станбени населби, културни и образовни институции, јавни објекти и сообраќајна инфраструктура. Градот продолжил да се шири и по осамостојувањето на Македонија во 1991 година, кога ја презел улогата на главен град на независната држава.
Денешно Скопје ги носи трагите на сите овие периоди – од Старата чаршија и Камениот мост, преку модернистичките градби од повоената обнова, до новите урбани комплекси.
На 13 Ноември се одбележува денот кога завршила окупацијата на градот, но и се потсетуваме на луѓето кои ги загубиле животите во борбата за неговата слобода.
