Активни 15 пожари, два се под контрола
Заклучно со 20:30 часот, во земјава се активни 15 пожари на отворен простор, од вкупно 28 евидентирани во текот на вчерашниот ден. Како што информира Центарот за управување со кризи, покрај активните, два пожари се ставени под контрола. 11 пожари се целосно изгаснати.
Опфатени региони и типови на вегетација
Пожари се активни во општините Василево, Радовиш и Берово, во реонот на селото Нивичино, планината Голем Готен и Малешевските Планини, каде што се зафатени нискостеблеста шума, смрека, грмушки и сува вегетација. Во Прилеп, пожар беснее во селото Бешиште и околината, со кракови кон селата Градешница и Дрен, и кон границата со Грција – сите зафатени со мешана шума.
33 пожари во последните 24 часа: Седум сè уште активни низ државата
Во Македонски Брод, гори во селото Црешнево (ниска вегетација), како и помеѓу селата Локвица и Крапа (деградирана дабова шума и грмушки). Во Штип, пожар има меѓу селата Драгоево и Селце, а во Карбинци – село Јунузлија е зафатено со шумски пожар. Во Зелениково (с. Гумалево) и Желино (помеѓу с. Церово и с. Групчин) се гори мешана и деградирана шума.
Материјални штети и интервенции на теренот
Во Старо Нагоричане, во селата Руѓинце и Орах, покрај шумата и сувата трева, пожарот зафатил и еден објект – куќа. Во Куманово, пожар се шири во населбата Ристово Трло и с. Романовце, каде гори сува трева. Во Струмица (место викано Три Води) е зафатена вегетација, додека во Велес, кај улица АСНОМ и помеѓу Росоман и Градско, пожарот гори суви површини.
Пожарите што се ставени под контрола се на локациите село Грешница (Македонски Брод) – мешана шума и сува трева, и во Шуто Оризари – ул. Брсјачка Буна, каде што горела дива депонија.