Македонија сè поатрактивна за странските туристи – раст од 22% во првиот квартал
Македонија бележи раст на туризмот – станува сè поинтересна за странските туристи, покажуваат најновите податоци од официјалната статистика. Во првиот квартал од 2025 година, бројот на туристи и ноќевања е зголемен за речиси 22% во споредба со истиот период минатата година.
Само во март се евидентирани 70.902 туристи, од кои дури 78% се странски, а 22% домашни. Вкупниот број туристи во првите три месеци достигнал 166.764, од кои 116.809 се странски гости.
Германците најбројни – интерес за природата, културата и храната
Најмногу странски туристи доаѓаат од Германија (10.410), Турција (9.380), Франција (4.648) и Грција (4.504). Според угостителите, туристите најмногу се интересираат за природните убавини на Македонија, нејзината културна понуда и традиционалната храна. Особено радува податокот дека има туристи и вон главната сезона.
Најпосетувани се езерските места, пред сè Охрид и Преспа. Хотелиерите очекуваат оваа година да ги надмине ланските бројки, особено поради новите инфраструктурни проекти како што е завршувањето на автопатот Охрид – Кичево и изградбата на Тетово – Гостивар, што ќе го олесни пристапот за странските гости од скопскиот аеродром.
Помалку домашни туристи
Иако бројот на странски туристи расте, статистиката покажува намалување кај домашните туристи – 9,2% помалку во однос на истиот период лани. И бројот на ноќевања на македонските граѓани во земјава е во пад од 7,8%.
Угостителите посочуваат дека е неопходен развој на авио-конекции, особено од охридскиот аеродром.
Николоски откри кои ќе бидат новите авиолинии од Скопје и Охрид
Вицепремиерот Николоски токму за нашиот медиум ги откри новите авиолинии кои ќе придонесат за раст на туризмот. Министерството за транспорт најави преговори за нова линија Охрид – Будимпешта, а се размислува и за нов модел на субвенционирање на авиолинии, кој би донел најмалку десет нови дестинации. Во моментов, од Македонија се лета кон 64 дестинации, од кои 56 од Скопје и 8 од Охрид.