Штрајкот против новото дисциплинско законодавство

Во Грција денеска се одржува 24-часовен штрајк на сите државни службеници. Акцијата се организира како реакција на предложениот закон за ново дисциплинско законодавство што моментално се разгледува во парламентот. Со штрајкот раководи Конфедерацијата на државни службеници (ADEDY), која остро се спротивставува на законските измени.

ADEDY објави дека предлог-законот овозможува „криминализација на синдикалните, социјалните и политичките активности“, третирајќи ги како дела што се изедначуваат со прекршоци од областа на кривичното право.

Барање за повлекување и организирани протести

Синдикатот ADEDY бара законот веднаш да биде повлечен и ги повикува сите вработени во јавниот сектор да се приклучат на протестите.

Во 10:00 часот е најавен протестен митинг на плоштадот Синтагма во Атина. На него се очекува присуство на лекари, медицински сестри, наставници, како и на вработени во општинските служби.

Учеството во штрајкот го најавија федерациите на здравствени работници OENGE и POEDIN, образовните организации OLME и DOE, како и синдикатот POE-OTA кој ги претставува вработените во локалната самоуправа.

Сообраќајот и летовите без прекини

И покрај опфатниот штрајк, јавниот превоз во Атина ќе се одвива нормално. Автобусите и метрото ќе продолжат да работат според редовниот распоред.

Фериботските линии, исто така, ќе функционираат без промени, бидејќи Панхеленската поморска федерација не се приклучи на денешниот протест.

Дополнително, четиричасовниот штрајк на контролорите на летање беше прогласен за нелегален со одлука на судот. Поради тоа, сите летови ќе се реализираат според планираниот распоред.