473 македонски државјани се јавиле во ДКП од почетокот на конфликтот

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека, според најновите информации, од почетокот на конфликтот до денеска вкупно 473 македонски државјани оствариле контакт со дипломатско-конзуларните претставништва во Тел Авив, Доха и Абу Даби.

Од нив, 19 лица се пријавиле од Израел, 106 од Катар, додека најголем дел – 348 граѓани – се обратиле до ДКП во Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица кои се наоѓаат во Кувајт, како и 12 македонски државјани од Бахреин.

Засега не се препорачува копнена евакуација од Катар и ОАЕ

Согласно информациите од надлежните власти, во моментов не се препорачува евакуација по копнен пат за македонските државјани кои престојуваат во Катар и во Обединетите Арапски Емирати. Од Министерството информираат дека евакуацијата ќе започне во првата безбедна можност, при што веќе се разгледуваат опциите за нивно сигурно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови.

Се анализираат алтернативи за граѓаните во Тел Авив

Во однос на македонските државјани кои се наоѓаат во Тел Авив, Министерството посочува дека активно се разгледуваат можни алтернативи за нивно безбедно напуштање на државата.

Од институцијата повторно упатуваат апел граѓаните редовно да ги следат известувањата и препораките на локалните власти. Дежурните телефонски линии на кризниот штаб при Министерството, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва, остануваат достапни 24 часа на ден. Јавноста, како што информираат, ќе биде навремено известена за сите понатамошни активности и развојот на состојбата.