Осумдесет и двегодишен маж починал по физичка пресметка што започнала со расправија за лежалка на популарната плажа Вулијагмени, јужно од Атина. Грчката полиција привела 76-годишен маж и 21-годишна жена, а истрагата треба да ја утврди нивната улога во инцидентот.

Случајот се случил во неделата околу 10 часот наутро. Според грчките медиуми, двајцата мажи прво се расправале околу користењето на лежалките, по што конфликтот прераснал во физичка пресметка.

Во текот на тепачката или непосредно по неа, 82-годишникот колабирал и доживеал срцев застој. На плажата му била укажана прва помош и била извршена реанимација.

Мажот потоа бил пренесен во болница во Вула, каде што подоцна била констатирана неговата смрт.

Според информациите на грчките медиуми, во случајот била вмешана и 21-годишна жена која била заедно со 76-годишникот. Полицијата ги привела двајцата, а дополнително треба да се утврдат точните околности на настанот.