Хајдари на денешната прес-конференција информира дека мерките, чија цел е заштита на домашните производители, се донесени по двомесечна истрага, која утврдила дека увозот на концентрат за живина и животни и на градежни блокови од некои компании, е со неконкуретно ниски цени.
– Денеска донесовме две одлуки за заштитни антидампинг мерки кон одредени производи кои се увезуваат од Србија. Едната одлука одредува антидампинг мерка од три центи за килограм увозен концентрат за живина и животни, а другата антидампинг мерка од, исто така, три центи на увозот на градежни блокови со димензии 19х19х25 од Србија, изјави Хајдари.
Според неа, мерките кои се однесуваа на одредени српски компании се согласно Законот за антидампинг мерки.
– На одлуките им претходеа одделни истраги и длабоки анализи на одделот за трговија, кој дејствуваше на барање на домашните производители. Истрагата покажа дека споменатите производи се продаваат по пониска цена на пазарот во Република Косово одошто на внатрешниот пазар во Србија како место на потекло, информира Хајдари.
Таа не ја исклучи можноста од скорешно воведување целосен реципроцитет на економските односи со Србија.
Директорот на одделот за трговија при Министерството, Зеф Дедај информира дека новата антидампинг мерка за блоковите е за еден цент повисока од досега, додека онаа од три центи за концентратот за живина и животни е сосема нова.
Мерките, според него, ќе влијаат за намалување на увозот од Србија и нема да имаат ефект кај потрошувачите.
– Фактот дека денес имаме мерка од три наместо од два центи се заснова на статистиките. Мерките ќе влијаат за намалување на увозот од Србија и нема да имаат ефект кај потрошувачите. Може да има простор и за четири центи, и ако има потреба по шест месеци ќе се зголеми. Оваа мерка е времена и по шест месеци повторно ќе биде продолжена, изјави Дедај.