Премиерот во технички мандат и лидер на граѓанското движење УРА, Дритан Абазовиќ изјави дека очекува новата влада на Црна Гора да биде формирана, истакнувајќи оти безбедносниот сектор и надворешната политика мора да бидат дел од договорот, јави МИНА.
По состанокот во американскиот Стејт департмент, тој за новинарите истакна дека Црна Гора е поблизу до формирање нова влада отколку вчера, а оти утре може да биде уште поблизу.
Абазовиќ нагласи и дека Миодраг Лекиќ, кој парламентарното мнозинство го предложи за мандатар, ја има поддршката на УРА.
– Очекувам владата да биде формирана, јас сум секогаш оптимист, додаде премиерот.
Како што тој додаде, „што и да се случи, граѓаните на Црна Гора треба да бидат мирни и оптимистични“.
– Нашата цел е да се бориме против организиран криминал и корупција и да ја испорачаме правдата. Граѓаните сакаат Црна Гора да оди понатаму. Ние сме подготвени да придонесеме, посочи Абазовиќ.
Како и да се одвива ситуацијата, според неговите зборови, Црна Гора останува приврзан партнер на САД.
– Нема страв дека ќе се случи нешто што би го загрозило тоа партнерство, подвлече тој.
Абазовиќ не одговори на прашањето што соопштила американската страна.
На прашањето дали очекува САД да останат партнер и да ја поддржат владата со Демократски фронт, Абазовиќ кажа дека не сака да ги коментира детално пораките на американските претставници.
Како што самиот додаде, кој и да биде дел од новата влада, па и Демократски фронт, веќе утврдениот надворешнополитички курс на државата не бил и нема да биде доведен во прашање.
– Доколку дојде до формирање на нова влада и ние учествуваме во неа, сето тоа што е добро наследство во нашите меѓународни односи продолжува… Ние сме кредибилен партнер на НАТО, не би биле овде да беше обратно, нагласи Абазовиќ.