„Имаме воспоставено систем, преку кој добиваме листа со имиња и податоци за авганистанските бегалци, кои потоа се проверуваат во МВР и АНБ и не треба да се грижиме за безбедносен ризик“, уверува советникот за надворешна политика во Владата, Едмонд Адеми, гостувајќи на Сител телевизија. Тој истакна дека во овој момент станува збор за бројка од 643 луѓе, иако, додава Адеми, можеме да прифатиме до 1800 но се зависи од ситуацијата во Кабул, односно колкумина ќе можат да се извлечат.
-Сите овие луѓе ќе бидат процесуирани кон САД или трети земји. Тие веќе работат за реномирани меѓународни организации и фирми, а ние привремено ќе ги згрижиме додека им се извадат специјални мигрантски визи за во САД. Кај нас, согласно Законот за странци, ќе им се издава виза за престој до 90 дена, вели Адеми.
Според него, амбицијата на овие бегалци е да продолжат да работат за фирмите за коишто досега работеле и затоа вели дека нема потреба од лажни вести дека за нив ќе се отвораат работни места.
Адеми дополни дека голем дел од бегалците кои ги очекуваме се вакцинирани, околу 80%.
-Станува збор за 650 лица кои се членови на семејства на вработени во Националниот демократски институт, Отворено општество, Обединетите нации, но и новинари интелектуалци и експерти од Би-Би-Си, Њујоркер, Фридом Хаус, како и студенти на меѓународни универзитети, заклучи Адеми.
„Ќе ги згрижиме оние бегалци од Авганистан што ни помогаа како членка на НАТО. Македонија, односно оние луѓе, кои работеле заедно со нашата мисија во Авганистан, што работеле за нашата армија и НАТО, како и новинари, миротворци, преведувачи“, истакна во гостувањето на Сител телевизија, советникот за надворешна политика во владиниот кабинет, Едмонд Адеми. Тој откри дека засега не се знае точно кога ќе пристигна бегалците, бидејќи, како што вели, тешко се пристигнува до аеродромот во Кабул, уште потешко се пристигнува до т.н. гејтови.
-Како дел од меѓународната коалиција покажавме дека сме спремни да помогнеме, низ историјата и Македонците и Албанците и другите народи имале слични настани и покажале дека се солидарни во вакви моменти. Европската унија порано или подоцна ќе сфати дека нивната улога е подееднакво важна за спасувачката мисија, бидејќи тие луѓе работеле за нивните амбасади. Верувам дека ЕУ ќе сфати дека има подеднакво одговорна улога за спасувањето на жените, децата и други категории на граѓани, кажа Адеми.