Компанијата „Адора инженеринг“, во чија сопственост се топланите Исток и Запад, денеска соопшти дека е согласна, доколку се изнајде модел за да се подмират нивните побарувања, да се премине кон краткорочен договор за закуп со АД ЕСМ до моментот на реализација на сите потребни услови за купопродажба.
– Во текот на вчерашниот и денешниот ден имавме опсежни состаноци со РКЕ, ЕСМ и БЕГ, каде што сите страни ги препознаваат ненаплатените побарувања кои законски ни следуваат, односно долгови кон Адора за изминатиот период. Договорено е РКЕ, ЕСМ и БЕГ да изнајдат модел во кој, во овој момент ќе се намират побарувањата кон Адора со цел да стапиме кон регулирање на идните односи за топланите со АД ЕСМ. Доколку постигнеме решение по ова разумно барање, Адора е спремна, иако на наша финансиска штета од 550 000 евра на годишно ниво, но во максимален интерес на граѓаните, да пријде кон краткорочен договор за закуп со АД ЕСМ до моментот на реализирање на сите потребни услови за купопродажба, се вели во денешното соопштение.
Доколку не се најде решение по овие прашања, велат од „Адора“, Владата има можност да ги употреби соодветните членови од законите за енергетика и справување со кризи, со цел да ги користи топланите без наша согласност кое би значело директна повреда врз правото на сопственост.
– Барањата на Адора се разумни и имаат егзестенцијално значење за нашата компанија, но уште повеќе разбираме дека граѓаните на град Скопје немаат никаква вина во овие системски пропусти и недоследности, и на ниту еден начин нема да бидеме пречка за граѓаните на град Скопје да имаат парно греење, велат од „Адора инженеринг“, додавајќи дека од ноември лани досега имаат испратено 19 дописи до РКЕ, 10 дописи до АД ЕСМ и четири дописи до Владата во врска со проблематиката со производство на топлинска енергија.