Откако Христијан Мицкоски, мандатар за премиер, најави дека ќе ја употреби придавката „северна“ при полагањето на премиерската заклетва, американската амбасадорка Анџела Агелер изрази воодушевеност за неговиот став.

Во интервју за медиумот „360 степени“, таа го истакна своето одобрување за неговата одлука да го почитува уставното име на земјата во официјалните обврски.

„Воодушевена сум што го гледам тоа и го поздравив неговиот јавен настап од пред некоја вечер во кој рече дека ќе го почитува уставното име при заклетвата“, изјави амбасадорката Агелер, реферирајќи на најавената одлука на Мицкоски да се идентификува со официјалното име на земјата, Северна Македонија, во рамките на неговите премиерски обврски.

За сабота е закажана седницата на која е предложена Владата предводена од Христијан Мицкоски. Согласно собранискиот деловник, таа најдолго може да трае до недела на полноќ кога предлогот за Влада мора да биде ставен на гласање.