Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, и претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во Приштина оствариле средба со американскиот конгресмен Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Американскиот конгрес. На средбата, како што информираа, се разговарало за политичката состојба во Македонија, правата на Албанците, службената употреба на албанскиот јазик, функционирањето на Уставниот суд и Бадентеровиот принцип.

Села: Загрижени сме за албанскиот јазик и состојбите во судството

Села соопшти дека на американскиот конгресмен му ја пренел загриженоста за, како што наведе, тенденциите за удирање врз службената употреба на албанскиот јазик во Македонија. Тој истакна дека го информирал Селф и за ставот за воведување на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд, како механизам за заштита од мајоризација во институција која, според него, во последно време се претворила во извор на криза и меѓуетнички тензии.

„Ја споделив и загриженоста за судството кое функционира врз основа на името и презимето што го имаш, а не според делото што си го направил, посочувајќи го случајот „Алфа“, 18 години затвор без вина за Агим Ислами и сега починатиот Реџаил Ќерими, правејќи паралела со ослободувањето од затвор на осудените за тероризам во случајот од 27 април“, напиша Села.

Тој додаде дека на средбата станало збор и за, како што наведе, континуираните удари од страна на Владата и другите институции врз правата на Албанците кои произлегуваат од Охридскиот договор.

Ахмети: Охридскиот договор е гаранција за мирот и стабилноста

Ахмети, пак, информираше дека со американскиот конгресмен разговарале за политичките случувања во Македонија, предизвиците поврзани со зачувувањето на мултиетничкиот карактер на државата и потребата од целосно почитување на Охридскиот договор.

„Разговаравме за политичките случувања во Северна Македонија, за предизвиците поврзани со зачувувањето на мултиетничкиот карактер на државата и за потребата од целосно почитување на Охридскиот договор како гаранција за мирот, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата“, напиша Ахмети.

Тој изрази благодарност за, како што посочи, историската улога на Соединетите Американски Држави во градењето на мирот и демократијата во земјата, како и за континуираниот американски интерес за стабилноста и евроатлантската иднина на регионот.