ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение упати обвинувања кон претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, тврдејќи дека со средства од синдикалните членарини биле организирани спортски игри во Црна Гора, за кои, според партијата, биле потрошени над 60.000 евра.

„Додека глумат загриженост за работници и, наводно, се борат за повисока минимална плата и тврдат дека во Македонија биле ниски платите, синдикалните претставници се луксузираат на трошок на синдикатите и врз грбот на работниците“, се наведува во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека спортските игри траеле четири дена и биле организирани во туристичкото место Чањ во Црна Гора, наместо во некој од домашните туристички центри.

„На Трпе Деаноски мала му е Македонија и нашите туристички капацитети, па затоа одлучил спортските игри на УПОЗ, кои до сега многупати се одржувале во државава, овој пат да ги одржи во Црна Гора и за тоа да потроши над 60.000 евра“, велат од партијата.

Во реакцијата се додава дека раководството на синдикатите, според нив, ги користело средствата од членарините за „луксуз, шетање и организирање на спортски игри“.

„Пред камерите глумат загрижени и борци за поголеми плати, а зад камерите се луксузираат на грбот на своите членови“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.