Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од Центарот за јавно здравје, ги доби резултатите од лабораториските тестирања на земените мостри храна и брисевите од кујната каде се подготвувала храна која се послужувала во мензата на Воена Академија касарна Гоце Делчев – Аеродром Скопје, од каде деновиве беше пријавен сомнеж за труење со храна. Кај испитаните мостри храна ( филета ослиќ, тартар сос, компир, индијанка, домат, свинско печено месо, динстан ориз и динстана зелка), не се утврдени отстапувања во однос на безбедносните критериуми.
Кај еден брис, од земени два од работна маса, по спроведената микробиолошка анализа, утврдено е дека брисот не ги задоволува хигиенските стандарди, односно, утврдено е присуство на аеробни мезофилни бактерии. Лабораториски тестирани се и земени два бриса од раце и по еден брис од машина за сечење зеленчук, пластична корпа за измиен зеленчук.
Инспекциските служби на АХВ изрекоа мерка за спроведување на повторна дезинфекција, а земени ќе бидат и нови контролни брисеви.
Изречената мерка по спроведениот вонреден инспекциски надзор за времено затворање на кујната ќе остане на сила се додека со новите лабораториски тестирања не се потврди нејзината безбедност.