АХВ дозволува репопулација на свинскиот фонд во регионите каде беше регистрирано присуство на вирусот на африканската свинска чума, заради добрата епидемиолошка состојба.

Сепак, одгледувачите за сопствени потреби и помалите фармери ќе мора да исполнат построги критериуми. За одгледување до 10 товеници, ќе мора да се повика овластена ветеринарна служба да изврши дезинфекција и дезинсекција  на домашното одгледувалиште.

-Треба да дадат изјава и ветеринарното друштво и имателот на стоката и со таа изјава се оди кај ветеринарен инспектор и му се одобрува на лицето да може да чува свињи како и порано, за своја употреба, за тов, изјави Гоце Серафимовски, потпретседател на Асоцијација на земјоделци.

Товениците мора да бидат купени од фарми со низок и среден ризик од вирусното заболување.

-Да имаат соодветен сертификат и со него во рок од 24 часа да се пријават во надлежна ветеринарна станица, за да имаат матичен лекар (ветеринар)- додаде Серафимовски

Помалите фармери кои ќе одгледуваат од 10 до 50 мајки, треба на фармите два постават по два реда дисбариери. За транспорт на свињи до 50 км, може да се користи и сопствено превозно средство.

-Од 50 км па нагоре, мора да биде лиценцирано возилото за транспорт на жива стока – изјави Серафимовски

Серафимовски истакна дека 92% од фармите се во нелегални објекти, што им ги затвора вратите за ИПАРД фондовите и кредитните линии. На иницијатива на ресорното министерство ќе се бара модус, како овие објекти да се легализираат, со што ќе им се овозможи пристап до европски пари за оваа намена.