Ќе се проверува од кога трае лажното декларирање на производите
Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведе дополнителни контроли во млекарниците кај кои беа откриени производи со пониска масленост и присуство на палмини масти. Инспекторите ќе ги анализираат производствените процеси, лабораториските резултати и внатрешната документација за да утврдат колку долго траела практиката на погрешно декларирање.
Директорот на АХВ, Оливер Миланов, изјави дека покрај редовните инспекции ќе се спроведат и детални проверки на системите за самоконтрола во компаниите, со увид во целиот процес – од приемот на суровините до финалниот производ.
„Покрај редовните ќе се направи и аудит да се види и од самото производство како течел настанот. Ќе се вратиме еден чекор наназад за да бидеме, дали воделе записници, дали воделе лабораториски анализи, дали ова е од пред 15 дена или постоело од години наназад. Инаку во однос на безбедноста на овие производи, безбедноста не е нарушена, нарушен е квалитетот. Нарушен е затоа што направена е измама со храна на потрошувачите, манипулација со потрошувачите“, изјави Миланов.
Според досегашните контроли, неправилности најчесто биле откриени кај сирења, кашкавали, павлака, јогурт и млеко. Опфатени се вкупно десет компании, од кои осум домашни и две увозни.
Под контрола и месната индустрија
Паралелно со проверките во млечната индустрија, АХВ спроведува анализи и во секторот за преработка на месо. Резултатите од лабораториските испитувања за сувомесни производи, салами, виршли и паштети се очекуваат на почетокот на следната недела.
Миланов не ја исклучува можноста и таму да бидат откриени одредени отстапувања.
„Јас искрено да ви кажам, очекувам дека би имало нешто, затоа што таму премногу имаме ароми, бои, фосфати…“, рече тој.
Директорот на АХВ најави и измени на законската регулатива, оценувајќи дека сегашните казни не се доволно строги.
„Одиме кон тоа, доколку операторот го повтори прекршокот уште еднаш или двапати, да му се земе решението за работа. Во рок од три години тој нема да може да биде оператор со храна“, најави Миланов.
Според податоците на АХВ, во изминатите две години биле уништени повеќе од 800 тони небезбедна храна, додека над 300 тони биле вратени во земјите на потекло или уништени. Агенцијата моментално располага со околу 400 вработени, од кои половина се инспектори кои работат на терен низ државата.
