Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство спроведоа засилени, вонредни контроли кај операторите со храна, со цел обезбедување високо ниво на заштита на здравјето на потрошувачите.
Над 650 инспекциски контроли низ државата
Покрај редовните активности, АХВ реализираше интензивни контроли кај операторите кои организираат предновогодишни и новогодишни прослави, како и во месарници, месарници со работилници, рибарници и други специјализирани продавници за храна од животинско потекло, каде што во овој период има зголемена побарувачка. На ниво на целата држава извршени се вкупно 423 надзори во угостителски објекти и 228 вонредни контроли кај оператори со храна од животинско потекло.
Утврдени низа неправилности и небезбедна храна
Контролите покажале повеќе неусогласености, меѓу кои неспроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените, недоследности во хигиенските и микробиолошките услови за безбедност на храна и вода, како и нерегистрирани оператори во АХВ. Кај дел од субјектите била пронајдена небезбедна храна и производи со поминат рок, несоодветно складирање и селектирање на храна, неажурирани записи за Добра хигиенска и производствена пракса и HACCP, како и недостиг од дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Забележани биле и производи без декларации или со нецелосни и нејасни информации, за што се издадени соодветни решенија.
Казни, уништена храна и апел до граѓаните
Врз основа на утврдените недоследности, изречени се 60 парични казни во вкупен износ од над 33 илјади евра во денарска противвредност, како и опомени и решенија со наредби за отстранување на неправилностите. Како небезбедни, уништени се над 624 килограми храна, од кои 567 килограми производи од месо. Од АХВ апелираат граѓаните празничната храна да ја купуваат исклучиво од одобрени и регистрирани објекти, да внимаваат на декларациите и условите на чување, а во домаќинствата строго да се почитуваат хигиенските правила, правилната подготовка и соодветната температура на чување на храната.
