По лавината реакции во јавноста околу поскапувањето на лебот, мелничарите велат дека и сегашната цена не е доволно висока доколку се земат предвид сите зголемени трошоци.
Ако Владата не им помогне, предупредуваат дека е можно да дојде до целосно колабирање на дејноста и населението да остане без леб.
Како што истакнува за МИА претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора, Горан Малишиќ, пекарниците се соочуваат со загуби и со недостиг на средства да ги обноват залихите навреме, а ќе бидат приморани да вршат и уште поголеми набавки од странство, по повисоки цени, зашто жетвата на домашната пченица потфрлила и во квантитет и во квалитет.
Малишиќ апелира до вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши, Владата да се потруди да ја изрегулира цената на електричната енергија за индустријата како што прават другите држави – со фиксирана цена или како во Србија – со загарантирана цена за индустријата со 72 евра за мегават час, како и да овозможат регулирани и евтини цени за гасот и другите енергенси.
Мелничарите имаат и уште еден предлог за кој засега, велат, немаат согласност од Владата – земјоделците да добијат плус два денара по килограм за предадено и платено производство на пченица во лиценциран откупувач-преработувач за жетвата 2022. Целта на ваквата мерка, објаснува Малишиќ, е поттик за земјоделците да посеат повеќе лебно жито во октомври и ноември, со поквалитетен семенски материјал и подобри ѓубрива, за следната жетва во 2023 година да биде со подобар и поквалитетен принос.
-Се додека како една од најважните индустрии за прехрана на населението сме оставени сами да се бориме со цените на електричната енергија и енергенсите, без помош од Владата, ние ќе одиме во загуби и ќе се соочиме со престанок на дејноста и што е најстрашно, ќе го оставиме населението без леб, потенцира Малишиќ.
Според него, поскапувањето на лебот и белите печива е неминовно во ситуација кога континуирано се зголемува цената на електричната енергија и природниот гас.
-Во август во однос на јули цената на гасот порасна 100 отсто, а на струјата го достигнува дневниот пик и до 500 евра за мегават час плус 10 отсто на отворениот пазар. Многу мали и микро пекарници кои беа на регулираниот пазар како домаќинствата, од јули годинава влегоа во блок тарифата од четврта група со највисоки цени со што им се зголемија сметките за струја за над 200 отсто. На сите овие поскапувања на енергенсите и електирчната енергија, цената на лебот е зголемена за околу 10 проценти од претходната цена во малопродажните објекти, истакнува Малишиќ.
Тој потсетува дека зголемувањата на цените почнаа од октомври лани поради наглото поскапување на пченицата, брашното, електричната енергија, нафтата и гасот.
-Пред оваа светска криза цената на пченицата се зголеми за 100 проценти, како и на брашното, на електричната енергија за 1 000 отсто, на нафтата за 90 проценти, а на гасот за 300 отсто. Ако лани пред октомври обичниот бел леб, сечен и несечен, се продаваше од 24 до 28 денари, денес, по сите овие зголемувања, истиот тој леб се продава за 45 до 55 денари или цената е зголемена за околу 100 отсто зависно од секоја компанија поединечно. Но, и оваа цена не е соодветна ако се земат предвид сите зголемени трошоци кои претходно ги наведов поради што пекарниците се соочуваат со загуби и најважно, со недостиг на средства да ги обноват своите залихи навреме за да продолжат со производството со исто темпо, подвлекува претседателот на Групацијата.
Проценките на мелничарите не се најпозитивни.
-Светската криза се продлабочува, а побарувачката на основни суровини за прехрана во светски рамки се повеќе се зголемува, поради што ќе се соочиме со идни проблеми околу цените на основните суровини. Жетвата на пченицата кај нас потфрли и во квантитет и во квалитет со што ќе бидеме приморани да вршиме уште поголеми набавки од странство со повисоки цени. Нашата економија не може да го издржи притисокот на цените на електричната енергија и енергенсите зашто ја става во несоодветна положба од истите производи од увоз каде што цените за струјата и енергенсите се поволни. Исто така, поради огромното и несоодветно зголемување на електричната енергија и енергенсите, компаниите воопшто не инвестираат во обнова или нови постројки само за да ги подмират долговите кон економските оператори за електрична енергија или енергенси. Истото се однесува и за странските инвестиции кои, ако не се реши овој проблем од страна на Владата соодветно, ќе ги напуштат зоните и ќе бараат соодветна земја каде што им се нуди евтина електрична енергија и субвенционирани енергенси, смета Малишиќ.
Тотално е погрешно, вели, да се регулираат цени или маржи на основните продукти, а да не се регулираат цените на електричната енергија и на енергенсите, барем за компаниите на кои им се регулираат цените.
-Нашиот предлог е ист како од октомври 2021 кога нагласивме дека следи криза со која тешко ќе се справуваме, односно кога предложивме да се изнајде начин за субвенционирање на индустријата во делот на енергенсите и електричната енергија за некако да се стабилизира производството со цените, напоменува претседателот на Групацијата.
Поради лошиот принос на пченицата во квалитет и квантитет кој е помал за 25 отсто од жетвата лани, додава Малишиќ, мелничарите се приморани на зголемен увоз.
-Во моментов се увезува пченица од Србија, Унгарија и Хрватска со цени од околу 21 денар за обичната меркантилна пченица и до 28 денари за премиум пченици кои се користат како подобрувачи или за специјално производство. Исто така, се прават напори да се увезе и од Украина, но во меѓувреме, откако се договорија со Русите за извоз, ги зголемија цените на пченицата. Увозот сега е слободен од горенаведените земји се додека тие сами не одлучат да стават забрана за извоз. Затоа, ние сме соочени како мелници со зголемена потреба од обртни средства како би набавиле што повеќе пченица од увоз, како би ги покриле потребите на граѓаните и индустријата во случај на повторно затворање на границите за пченицата, за кое затворање веќе некои држави најавија дека е можно од 30 септември, како на пример Србија, истакнува Малишиќ.
За досегашните мерки што ги реализира Владата, Малишиќ потврдува дека се донесени во координација со Потсекторската група за жита на Министерството за земјоделство во која членуваат и мелничарите.
-Сите мерки што се донесоа беа во координација со министерот и Владата. Мислам на оние како поддршката од 4.000 денари по хектар за ѓубрива и 5 760 денари по хектар без ограничување за принос над три тона за јачмен и четири тона за пченица. Беше побарано од наша страна да се доделат на земјоделците плус два денара по килограм за предадено и платено производство на пченица во лиценциран откупувач-преработувач за жетвата 2022 за тие земјоделци да посеат повеќе во октомври и ноември со поквалитетен семенски материјал и подоби ѓубрива, за следната жетва во 2023 година да биде со подобар и поквалитетен принос. За ова барање не наидовме на согласност, а за него Владата би требало да одобри околу три милиони евра повеќе субвенции кон земјоделците. Па, еве уште еден апел, а има се уште и време, да се доделат овие два денара на земјоделците за предадената и продадена пченица, како поттик уште повеќе да насеат за да се намали зависноста од увозна пченица, вели тој.
МЗШВ: Нема најави за дополнително субвенционирање од плус два денара за предадена и платена пченица во домашните капацитети
Министерството за земјоделство на прашањето на МИА во врска со предлогот на мелничарите – земјоделците да добијат плус два денара по килограм за предадено и платено производство на пченица во лиценциран откупувач-преработувач за жетвата 2022, одговори дека „до овој момент нема никакви најави за дополнително субвенционирање од плус два денара за предадена и платена пченица во домашните капацитети“.
-МЗШВ презеде мерки за поддршка на производството на пченица преку Интервентниот фонд за набавка на вештачки ѓубрива за површини засеани со пченица и пченка на 4 000 денари, ако минимум се употреби 200 килограми ѓубриво по хектар. Воведовме и дополнителна субвенција од 5 760 денари по хектар за сите земјоделци кои имаат еден или повеќе хектари површина со пченица, јачмен, пченка, рж, овес и сончоглед, наведуваат од Министерството.
Оттаму додаваат и дека „просечната откупна цена на пченицата изнесува 17,60 денари по килограм што е многу повисоко во однос на претходните години“.
-Заклучно со 8.08.2022 година, пченицата е ожнеана на вкупна површина од околу 63 102 хектара, односно околу 84 отсто од вкупната жетвена површина која изнесува околу 71 953 хектари, а остварен е просечен принос од околу 3 460 килограми на хектар. Според податоците од Земјоделско-пазарниот информативен систем (ЗПИС), просечната месечна цена на пченицата за јули изнесува 17,60 денари за килограм, дополнуваат од МЗШВ.
Министерството потсетува и дека објави јавен повик за давање под закуп државно земјоделско земјиште во 14 региони за одгледување житни култури на 5 722 хектара, за што се веќе склучени 258 договори.
Владата на 14 јуни донесе одлука за замрзнување на маржата на основните прехранбени производи, вклучително и на лебот и брашното
За да се заштити домашното производство, да се одржи снабдувањето на домашниот пазар и да се избегне раст на цените, на 20 јули на предлог на Министерството за економија, Владата донесе одлука до 31 декември 2022 да се ограничи извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица. Претходно, на 14 јуни, беше донесена и Одлука за замрзнување на маржата на основните прехранбени производи, вклучително на лебот и брашното. Согласно Одлуката, до крајот на годината е одредена највисока трговска маржа од пет отсто во трговијата на големо и трговијата на мало на бел леб сечен на парчиња или цел.
-За да се избегне раст на цените одредена е и највисока трговска маржа од 10 проценти во трговијата на големо и трговија на мало на брашно од пченица тип 400 и тип 500. Во тој процент се вклучени сите трошоци на трговците во продажната цена. Според Одлуката, за овие производи исто така до крајот на годината нема да се пресметуваат оперативни трошоци и не се одобрува рабат и надоместоци кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо и тоа за рекламирање и изложување на стоките на рафтовите, односно полици и примарни и секундарни производи, наведува Министерството за економија.