Инцидент предизвикан од Русија што би резултирал со човечки жртви на територијата на НАТО би можел да претставува „црвена линија“ за Алијансата, изјави латвискиот претседател Едгарс Ринкевичс во интервју за американската телевизиска мрежа Си-Ен-Ен. Ова предупредување доаѓа во период на зачестени инциденти со воздушни летала во европскиот простор.
На прашањето што конкретно би претставувало црвена линија за сојузниците, во контекст на зачестените руски нарушувања на територијата на европските држави, вклучително и појавата на дронови во Германија и навлегувањето на ракети во воздушниот простор на Полска, Ринкевичс јасно посочи дека клучен праг претставува директното губење човечки животи.
„Мислам дека таква линија би биле човечки жртви на територијата на НАТО“, изјави Ринкевичс.
Тој ја оцени моменталната безбедносна состојба во која се наоѓаат Европа и сојузниците како противречна, посочувајќи дека секојдневно се забележуваат нови обиди за провокации.
„Од една страна, се зголемува бројот на таканаречените хибридни напади. Тоа го гледаме во нашиот регион, во Латвија, но и во Европа. Истовремено, забележуваме дека кога станува збор за хипотетичко активирање на Членот 5 (за колективна одбрана на земјите членки на НАТО), односно за конвенционален напад, таа линија не се преминува“, рече Ринкевичс.
Латвискиот претседател појасни дека токму ваквата динамика претставува основно обележје на хибридното војување во современиот контекст.
„Се обидуваш, вршиш притисок, потоа запираш во последен момент и се повлекуваш“, посочи претседателот на балтичката држава.
