Во Основниот суд во Битола денеска се одржа рочиште против Љупчо Ѓоргиевски, претседател на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола обвинет за предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и за ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем.

На денешното рочиште како сведок на обвинителството се појави поп-пејачот Ламбе Алабаковски.

Според него, во срцето на Македонија, во Битола, не смее да има клуб со име на докажан фашист каков што бил Ванчо Михајлов.

„Бев вклучен во опожарувањето на вратата на клубот, можеби и главен виновник, зашто сметам дека во срцето на Македонија, во Битола, де факто и де јуре, не смее да има таков клуб со име на докажан фашист како што е Ванчо Михајлов. И ден денес, според мое мислење од бугарски граѓани, или луѓе кои се чувствуваат како Бугари, или од измислени ботови на Инстаграм или Фејсбук во директна порака добивам смртна закана кон мене и моето семејство“, сведочеше Алабаковски.

На првото судско рочиште битолчанецот Љупчо Ѓоргиевски се изјасни дека не се чувствува виновен.

Второто судско рочиште е закажано за 18 декември кога како сведоци на одбраната ќе бидат сослушани, Ѓорги Црномаров и Благоја Шаторов, а Основното јавно обвинителство како сведок го предложи Горан Садикарио.