Со слоганот „ВРЕДИ“ албанската опозиција и официјално се обедини за заеднички настап на претстојните избори.
Декларацијата денеска во Скопје ја потпишаа лидерите на Алијанса за Албанците Арбен Таравари и опозициските партии од коалицијата „Европски сојуз за промени“ Изет Меџити на Демократското движење, Африм Гаши на Алтернатива, Биљал Касами на Движењето Беса и Беким Ќоку, претставник на косовското „Самопределување“ на Курти.
Таравари кој ќе биде и нивни претседателски кандидат, по потпишувањето истакна дека очекува на 8 мај да се случи долгоочекуваната промена во албанскиот политички блок и после 22 години, како што рече, да дојде подобар живот за Албанците во Македонија.
По вчерашниот конгрес на Алијанса на кој Таравари и делегатите му ја укинаа партиската функција на Села како претседател на Централното собрание и го развластија ова тело, а во пресрет на утрешниот закажан токму од Села на кој ќе се бара разрешување на Таравари, тој денеска не сакаше да коментира, само кратко повтори дека на негова страна е мнозинството и народот.
На денешниот собир покрај Таравари, говореа и Гаши, Касами, Меџити и Ќоку со пораки дека со потпишувањето на заедничката Декларација се поставуваат темелите на нова ера кај албанските партии во Македонија и ги повикаа сите кои сакаат промена да им се приклучат.
На настанот се обраќаа единствено на албански, а пред почетокот беше интонирана само албанската химна.