Во обемниот извештај од стотина страници, во кој се внесени транскрипти од сите јавни изјави на Мета, неговите објави на социјалните мрежи, пред и за време на изборната кампања, анкетната комисија дошла до заклучок дека претседателот сериозно прекршил 17 члена од Уставот.

Деветте пратеници членови на комисијата, од кои 8 веќе нема да бидат во новиот парламент што ќе се контитуира во септември, сметаат дека Мета го нарушил националното единство, изборниот процес, човековите права, ја загрозил безбедноста на земјата, односите со стратешките партнери, со што го нарушил угледот на земјата.

Oсвен што се соочува со разрешување Мета може да се најде и пред Специјалното јавно обвинителство, СПАК за две сериозни кривични дела, јавни повици за насилно однесување и поттикнување национална омраза.

Комисијата бара од истражните органи да започнат истраги главно против претседателот за поттикнување насилство и омраза пред и за време на парламентарните избори на 25 април 2021 година.

На владејачките социјалисти ќе им требаат 94 гласа, што ќе ги побара од пратениците што ги пополнија пратеничките мандати откако од нив се откажаа од нив во февруари 2019 година, од кога поголемиот дел од овие пратеници секогаш гласаат за предложена инцијатива или закон на социјалистите.

Без оглед на одлуката на Парламентот, Уставниот суд ќе го има последниот збор за тоа дали Илир Мета сериозно го прекршил Уставот или не и дали неговите изјави предизвикале несакани последици. Уставниот суд одлуката треба да ја донесе во рок од три месеци.

Претседателот на анкетната комисија, Алкет Хисени, деновиве изјави дека „комисијата има сериозни факти дека Мета го прекршил Уставот и оти треба да биде разрешен“.

– Владејачкото мнозинство воопшто не се чувствува гордо што е во таква ситуација, но, смета дека, неговото разрешување ќе послужи како порака за идните генерации, рече тој.

Мета од своја страна во повеќе наврати кажа дека тој на функцијата останува до 24 јули 2022, односно до крајот на мандатот и оти секогаш се предводел од надлежностите што ги има како Претседател. За него парламентот две години е без опозиција, што е повеќе од неуставно.

Ова е втор обид на социјалистите да го сменат претседателот, по започнатата постапка во 2019 која беше прекината по добиеното мислење од Венецијанската комисија, кое беше побарано поради нефункционалноста на Уставниот суд на Албанија.